Соопштение за јавност
Во воведот во своето обраќање на 26. Конгрес на СДСМ, претседателот Зоран Заев, се осврна на постигнатите успеси во последните четири години, но и потсети каде беше нашата држава во 2017 година.
„Во изминатите речиси четири години, од последниот изборен конгрес во 2017 година СДСМ носи државнички успеси.
И ќе додадам, тоа се историски успеси на нашата татковина, гордо исправена, слободна, економски силна и развојна, која чекори напред, по вистинскиот пат – тоа е нашата Северна Македонија, и мајка и татковина на нашиот македонски народ, на нашите сограѓани Албанци, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други со кои тука живееме заедно. Успесите во овие четири години се заеднички, наши и на граѓаните, на нашиот народ.
СДСМ е државотворната партија на независна Република Македонија и гарантот за сигурна иднина на нашата современа Северна Македонија.
Tој епитет „државотворна партија“ сме го потврдувале многупати и пред 2017 година, а во последниве четири години одново, повторно, повеќе пати. Не беше лесно, знаеме. Пред нас стоеја натрупани, сериозни предизвици. Но заедно со вас, со поддршката и волјата на социјалдемократите и со мнозинската волја на граѓаните – успеавме! СДСМ наш, СДСМ мој, ти си гордост, а ние сме горди што те имаме, што те развиваме. Горди сме сите што сме дел од државотворна, демократска, одговорна, модерна, европска партија посветена пред се на граѓаните и на државата. Граѓаните и државата, нема ништо поважно!“ порача претседателот Заев.
Заев истакна дека во 2017 година државата беше опустошена, меѓународно изолирана со поделено општество и суспендирана правда со погазени слобода и демократија, но граѓаните ја препознаа чесната понуда на СДСМ и ја дадода довербата, режимот беше срушен.
„Сите знаеме во какви услови ја добивме честа и довербата од граѓаните да ја водиме државата. Единаесетте години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни, несогледливи последици во тоа време.
Државата ни беше опустошена. Додека граѓаните страдаа, државата одеше во погрешен правец, кон провалија.
Во таков амбиент се исправивме, кренавме глас, ја покажавме Вистината и заедно со граѓаните одлучно газевме по улиците, во борба за слобода и правда.
Излеговме со чесна понуда, со јасен „План за обезбедување нормален живот во Македонија“. Со нов концепт: враќање на парите кај граѓаните, со сите сили на прав пат, кон интеграција, со постојана борба со режимските наследници, со одлучност за воспоставување на правна држава.
Тоа граѓаните го препознаа и се приклучија! Го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој цела деценија ја држеше земјата во заложништво. Нашата татковина тргна напред, економски, политички, демократски, на секое можно поле.
За нас, за мене, немало мирен мандат, немало мирно море. Не сум го ни очекувал тоа. Имало само пoстојана битка за доброто на нашата земја, за нашиот народ.
Ние од почеток се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, од осамостојувањето на нашата држава.
Решававме и решаваме прашања за кои популизмот носи брзи политички поени, но истовремено и ќор сокак за идните генерации.
Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик!
На внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите, која прави се’ за да нема правда, да нема напредок, која блокира, кочи и го поткопува секој чекор кон подобро живеење.
Три големи борби водевме и се уште водиме во ова наше заедничко време:
Борба против режимот и неговите остатоци!
Борба за подобар живот, за повеќе пари кај граѓаните, за европски стандарди дома!
Борба за безбедна и сигурна иднина, за НАТО и ЕУ!
Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битка во изминатите четири години„ заклучи претседателот Заев.
] ] ]