Соопштение за јавност – реакција на прес-конференцијата на Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ
Додека надлежните институции, здравствени работници, државни службеници, вработени во полицијата и војската и целата држава се бори против коронавирусот, безидејното ВМРО-ДПМНЕ тера политиканство во обид да добие евтини политички поени.
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се фрустрирани што државата добро се справува со последиците од коронавирусот и таа фрустрација веќе не ја ни кријат
Во време кога борбата против глобалната пандемија побарува единство и заедничка заложба, истото ВМРО-ДПМНЕ проба да злоупотреби доктори од јавното здравство кои Христијан Мицкоски ги нарече “свои” и апсурдно ги нудеше на помош на јавното здравство каде и се вработени.
Тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, искористување и злоупотреба на државни институции и ресурси за лични и партиски интереси. Тие поинаку и не знаат.
Соочени со добрите резултатите од досегашната успешна борба на државата против Ковид 19, поради што и се овозможува полека враќање на нормалниот тек на животот, ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе се служат со лаги и манипулации, свесни дека никако не придонесоа во борбата против оваа глобална здравствена и економска криза.
Колку Игор Николов е загрижен за здравството најдобро покажува тоа што тој по само по неколку месеци ја напуштил позицијата во Клиниката за нефрологија и станал економски промотор во Франција, без никакво искуство во областа на економијата и маркетингот. Колкава количина на заштитна опрема можеле да се набават со парите кои се потрошиле за престојот на Николов и на целото негово семејство во Париз? Колку и какви инвестиции донесе Николов додека се шетал по Франција пратен од неговиот шеф Никола Груевски?
Граѓаните го препознаваат ова несериозно, лицемерно и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и многу добро знаат кој работи за заштита на нивното здравје, а кој очајно се обидува да профитира во време на тешка криза.