Соопштение за јавност
Домаќинствата кои останале без приходи или биле дел од неформалната економија имаат право на гарантирана минимална помош во висина од 4 до 10.000 денари, преку брз пристап во системот за социјална заштита.
Износот на правото зависи од бројноста и структурата на домаќинството и се движи од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од 5 возрасни членови.
Домаќинствата кои користат гарантирана минимална помош, ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците април и мај 2020 година.
За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот во последните 24 месеци, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Обезбедени се сериозни финансиски олеснувања, се одложува наплатата на кредити, наплата на закуп на социјалните станови, а извршните дејствија од страна на извршителите се стопирани.
Мерките што се преземаат опфаќаат помош за 250.000 работни места и 35.000 компании, како и социјално загрозените граѓани. Во духот на солидарноста помагаме на оние кои се погодени од кризата и не дозволуваме никој да не остане без приход во овие тешки времиња.
Само заедно, солидарно и одговорно можеме да победиме во борбата со коронавирусот и неговите последици.