Соопштение за јавност
Предлог буџетот за 2022 е развоен, со акцент за зголемување на капиталните расходи, намалени се непродуктивните трошоци, а секако е планирано редовно исплаќање на платите, пензиите и социјалните трансфери со предвидено зголемување на плати во здравството, дел од образованието, културата, судството и јавното обвинителство, истакна во своето обраќање од собраниската говорница пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.
Таа нагласи дека цели на предлог буџетот се заштита на здравјето на граѓаните, економско заздравување и раст на економијата, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата.
Со предлог буџетот се зголемени капиталните инвестиции, капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит и ќе се позајмува само за финансирање на инвестициски проекти за парите да се искористат таму каде што има најмногу ефекти, во интерес на граѓаните, рече Георгиевска.
Пратеничката Георгиевска се осврна на програмите за обезбедување на одржлив раст до 2026 година, со кои се планирани капитални инфраструктурни проекти, во вредност од 4 милијарди евра.
Таа ги наведе инвестициите во патната инфраструктура за локални и национални патишта, во железничкиот превоз за финансирање на третата фаза во пругата кон Бугарија, како и железничка пруга кон Албанија.
За гасификацијата се планирани инвестиции во магистрални водови, поврзување со Косово и Грција, во комуналната инфраструктура е водоснабдување во општините, а во земјоделството програмата за наводнување и модернизација, рече Георгиевска, додавајќи дека во областа на животната средина како голем проект ќе се финансира пречистителна станица во Скопје, како станици за цврст отпад во планските региони.
Капиталните инвестициите во здравството предвидуваат изградба на Клинички центар и итно справување со ковид кризата, а во образованието се продолжува со финансирање за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, унапредување на основното образование, истакна Георгиевска.
Меѓу проектите во енергетската инфраструктура Георгиевска ги наведе, ветрениот парк Богданци 2, топлификација Битола, ветрениот парк Миравци, проектот за чистење на линданот од Охис, фотонапонска електрана Осломеј 2 и фотонапонска електрана во кругот на РЕК Битола.
Продолжува определбата за дисциплина на буџетската потрошувачка со акцент на рестрикција и контрола на помалку продуктивните трошоци за сметка на зголемување на инвестициските вложувања, етапна фискална консолидација со намалување на нивното на дефицитот, а при тоа да се поддржи економскиот раст и развој согласно поставените цели на овој предлог буџет и остварување на приоритетите и политиките за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, порача пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска, во рамките на собраниската расправа за предлог буџетот за 2022 година.