Соопштение за јавност
Заев на Алсат: Предложивме голем пакет мерки во духот на солидарноста, секој човек е важен
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на гостувањето во емисијата 360 степени на телевизија Алсат, повикувајќи се на меѓународни и регионални анализи, објасни дека економската криза ќе има далеку поголеми последици од здравствената. Затоа, според него, во такви околности подобро е да преземат превентивни мерки, во духот на солидарноста.
Предложивме голем пакет мерки, да ги сочуваме работните места и да обезбедиме приход, да помогнеме на работниците, додаде тој.
“Свесен сум дека една мерка, кратењето на платите во администрацијата е непопуларна мерка, но ова е ситуација во која не можеме да калкулираме, мора да се поставиме државнички и ова да го поминеме на нозе.“- одговори Заев во врска со предлог мерката на СДСМ за намалување на платите во администрацијата на 14.500 денари.
Според него, токму изедначувањето на платата на сите е на линија на солидарноста на граѓаните, односно оние што во последните години имале повисоки примања, логично е и повеќе да помогнат на државата.
„Во услови кога се замрзнати кредитите за три месеци, во услови кога се замрзнати целосно извршувањата, логично е, солидарно, сите да го понесеме овој товар. Зошто? Богатите биле научени да живеат побогато, па сега наеднаш ќе им стане тешко? Не, туку тие во оваа ситуација ќе отстапат најмногу од својот приход. Се претпоставува дека овие службеници со повисоки примања имаат акумулација во банка или заштеда дома, затоа што низ годините наназад секогаш земале повисоки плати. Еве на пример, ќе илустрирам со премиерската плата, која во ситуацијава ќе се намали за повеќе од 70 илјади денари. Ако мериме според просечната плата, која во декември била околу 25 илјади денари, тоа значи дека просечно кратиме по 10 илјади денари на секој административец.“- објасни Заев.
Тој ја илустрираше мерката со кратењето на платите во администрацијата со пример, дека парите од намалените плати практично остануваат во институцијата каде што се намалуваат месечните приходи на вработените.
„Да го земеме пример претпријатието Македонски шуми, парите што ќе се скратат од вработените таму, се пари кои нема да одат во владата, туку ќе останат во самото претпријатие, за да има претпријатието финансиска кондиција да ја преброди економската ситуација„ посочи претседателот Заев.
Заев откри дека сите трошоци се сведени на минимум, со државните возила, мебелот, дневниците на службениците, или едноставно Владата се обидува на секој можен начин да заштеди пари за кризата.