Соопштение за јавност
Пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска во своето денешно обраќање, ги претстави клучните цели на Буџетот за 2022 година, кој, како што истакна таа е развоен и во насока на постигнување економска стабилност.
– Од општ аспект погледнато, несомнено е дека Буџетот го заслужува целото наше внимание, но и поддршка за негова реализација во наредната година. Предлог Буџетот за 2022 година предвидува следните четири цели: продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестициите при истовремено спроведување на фискалната консолидација, непречено функционирање на основните функции на државата, и поддршка на реформите во правосудството, и евроатланските интеграции – посочи Тасевска.
Тасевска се осврна на расходната страна на Буџетот, истакнувајќи дека со него сериозно ќе се инвестира во капиталните проекти, важни за граѓаните и локалниот развој.
– Реализацијата на буџетот за наредната година ќе овозможи поддршка на економскиот раст, проектиран на 4,6 проценти. Вкупните приходи се планира на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е 1,4 проценти повеќе од 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП и е понизок за 2 процентни поена во однос на дефицитот во 2021 година. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Главна карактеристика на предлог буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции. Развојната компонента на буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27% во однос на 2021 година. Во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти – истакна пратеничката Тасевска.
Говорејќи за фискалната децентрализација, Тасевска посочи дека од следната година, повеќе пари ќе завршуваат во единиците на локалната самоуправа, со што ќе се отвори можност за засилена реализација на локални проекти.
– Особено е важно да се спомене реформата за унапредување на фискалната децентрализација којашто нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините. Со оваа реформа се доделуваат повеќе средства за општините. Тоа се постигнува со зголемување на сегашните три проценти предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на 6 проценти, како и зголемување на стапката за дотација од данокот за додадена вредност од 4,5 на 6 проценти, којшто ќе се применува од 2024 година.
Средствата од дополнителното зголемување на процентот на данокот на додадена вредност за општините ќе се распределуваат во два нови фонда. Фонд за перформанси и успешност и фондот за изедначување. Фондот за перформанси ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи, додека фондот за изедначување ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините. Постигнување на локален и регионален развој вклучено е и во планот за забрзан економски развој. Притоа планот за забрзан економски развој има за цел зголемување на инвестициите со мобилизирање на средства од приватниот сектор, порача Тасевска.
Тасевска ги повика сите пратеници да покажат одговорност и дадат поддршка на Буџетот за 2022 година.