Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денеска се сретна со амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Томас Гербих.
На средбата беше разговарано за повеќе актуелни состојби како последната ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО од страна на Шпанија, процесот на реформи, но и ситуацијата со коронавирусот во државата и во Европа.
„Со ратификацијата во шпанскиот Сенат, заокружен е процесот на ратификување на Протоколот за пристапување во НАТО, со тоа, денеска Република Северна Македонија станува 30 земја членка на НАТО Алијансата. Ова е остварување на децениските заложби на огромното мнозинство граѓани на нашата држава“ истакна претседателот Заев.
Во однос на заканите од коронавирусот, претседателот Заев посочи дека сите институции на чело со Министерството за здравство презеле итни и навремени мерки против ширење на вирусот.
„Покажавме дека засега успешно се справуваме со заканите од коронавирусот, но мерките треба да продолжат уште позасилено. Затоа, неопходно е да воведување на вонредна состојба, која обезбедува механизми за поголема заштита на населението и спречување на ширење на заразата. Со воведување на вонредна состојба ќе се најдат механизми за навремена и ефикасна помош на стопанството и гранките кои се загрозени од вирусот. Вчера донесовме нов сет мерки, а веќе утре ќе следуваат конкретни мерки за помош на економијата, особено за оние кои се најпогодени од оваа состојба“, потенцираше Заев.
Амбасадорот Гербих му честиташе на претседателот Заев за последната ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, а меѓу другото оцени дека досега Република Северна Македонија со голем успех се справува со коронавирусот кој е закана за цела Европа.
Германскиот амбасадор ја искористи приликата и на средбата на претседателот Заев лично му ја врачи Хесенската награда за мир (Hessian peace prize) од страна на Фондацијата Алберт Освалд од сојузната германска држава Хесе, чии добитници се претседателот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција и претседател на партијата Сириза, Алексис Ципрас.
Како што истакна амбасадорот Гербих оваа награда се доделува за достигнувањата што Заев и Ципрас заедно ги оствариле решавајќи долгогодишно отворено прашање со што испратија силен позитивен сигнал во регионот но и во Европа.
Претседателот Заев се заблагодари за наградата истакнувајќи го нејзиното значење и изрази уверување дека соработката со стратешкиот партнер и наш силен поддржувач Германија, ќе продолжи и во иднина.