Соопштение за јавност- реакција на прес- конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО- ДПМНЕ
Ништо ново во белиот дворец. ВМРО ДПМНЕ, партијата позната како извор на лажни вести, не пропушти и денеска да се обиде да го изврти извештајот на Стејт департментот.
Во Извештајот јасно е нотирано ,,дека за разлика од порано, Владата повеќе ја почитува судската независност и дека има подобрувања со оглед на пресуди по случаи на СЈО’’, при што како позитивен пример се наведени судски разрешници на предмети во кои се осудени поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности.
Тоа не го гледаат во белиот дворец заглавени во режимско-криминалната матрица на Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ е најмалку повикана да зборува за корупција затоа што ова партија е симбол за корупција и се уште е раководена од истите сили кои партијата ја претворија во криминално дувло и против кои се водат бројни постапки пред судовите.
ВМРО-ДПМНЕ ли ќе зборува за слобода на медиумите кога оваа партија со нејзиното режимско владеење ја турна државата на дното на медиумски слободи во Европа.
И во овој дел на извештајот јасно стои е „регистриран напредок во областа на медиумите, иако се потребни напори за саморегулација“, но ниту тоа не го гледаат во белиот дворец.
СДСМ за две и пол години ја врати слободата, демократијата, правдата и правичнсота. Се уште постојат одредени предизвици на овие теми, но поставени се добри основи за натамошно унапредување на слободата, демократијата и правдата.
Денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ е уште еден од низата очајни обиди фактите да се извртат, да се конструираат непостоечки приказни и случаи со цел собирање на ситни дневнополитички поени од опозициската партија.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе изгубат на 12 април, затоа што не можат да донесат никаква обнова освен обнова на криминалот, корупцијата и режимот, а граѓаните тоа нема да им го дозволат.