Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски денеска се сретнаа со претседателот на Националниот совет на Австрија Волфганг Соботка.
На средбата беше разговарано за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите, процесот на реформи, како и соработката меѓу двете земји.
Претседателот Заев истакна дека сите институции се силно посветени на европската агенда, а тоа е потврдено и со последниот извештај на Европската комисија каде е нотиран значителен напредок во делот на реформите во правосудството, безбедносниот сектор и администрацијата.
– Во изминатиот период како држава и институции покажавме силна мотивираност во реформскиот процес за да дадеме дополнителни аргументи пред ЕУ. Донесовме сериозни законски решенија битни за државата и граѓаните, меѓу кои и Законот за јавно обвинителство кое се донесе со двотретинско мнозинство, со што покажавме дека државните интереси ни се далеку пред партиските и во таа насока продолжува, посочи претседателот Заев.
Претседателот Заев порача дека Австрија е сериозен економски и политички партнер на Северна Македонија и затоа е важно соработката да се продлабочува.
– Австрија, со своите компании кои се присутни овде е еден од најголемите и најсериозни економски партнери на Северна Македонија. Освен во економијата, Австрија позитивно влијае и на реформите во образованието преку спроведување на процесот на дуално образование во чие спроведување учествуваат и компании со австриски капитал, посочи Заев.
Од страна на претседателот на австрискиот Национален совет, Соботка, беше истакнато дека Австрија е долгогодишен поддржувач на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите и дека пред европските партнери ќе се заложи грешката од октомври да биде исправена. Соботка го поздрави успехот на Република Северна Македонија во реформите и изрази уверување дека добрата соработка помеѓу двете земји ќе се интензивира.