Соопштение за јавност
Членот на Извршниот одбор на СДСМ Андреј Петров за емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24 истакна дека неспорно е мнозинството што го има новата влада во парламентот, неспорни се и проблемите што ги има земјата, како шпицот на енергетската криза, проблемите на државата во интеграциските процеси и ако и сакаме добро на државата треба да се најде начин да се соработува.
Мандаторот Ковачевски има иницијатива да направи добра соработка со опозицијата за клучните прашања на државата, да биде инклузивен тој дијалог меѓу власта и опозицијата, да нема разлика за државните, стратешките интереси, истакна Петров.
Тој додаде дека во светот, а и кај нас, за најкрупните прашања, за стратешките прашања мора да има соработка.
Да речеме едно од прашањата е енергетската криза. Енергетските капацитети се градат 30 години, 20 години не се прават од денес за утре, мора да има соработка, стратегија да се знае што се сака и заеднички да се направи ако сакаме успех, нагласи Петров.
Тој додаде дека за секоја соработка треба да има волја, волја од Ковачевски има, дали таа ќе биде прифатена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски зависи од него, но кога се сака конструктивен дијалог не може пред него да се поставуваат некои линии или услови.
На владата, која ќе биде фокусирана на економијата, на внатрешните состојби, надминување на енергетска ситуација, подобрување на животниот стандард, раст на пензии, социјална помош треба да и се остави простор да видиме што ќе покаже, нагласи Петров, додавајќи дека во моментов е важно земјата да ги решава проблемите, граѓаните се изморени од постојани избори.
Ако сакаме да изградиме добар систем, треба да ги извлечеме поуките од грешките од минатото и да не ги повторуваме, се вложувало труд, луѓето работеле, имало пропусти, пропустите се констатирани, народот ја прати пораката, пораката е апсолвирана и сега има едно стабилно мнозинство кое треба да продолжи и да му дадеме можност да покаже што знае, порача членот на ИО на СДСМ Андреј Петров за емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24.