Соопштение за јавност
Почитувани граѓани,
Почитуван Претседателе на Собранието на Република Северна Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани кандидати за членови на Владата,
Ценети претставници на медиумите,
Почитувани дипломатски претставници,
Денеска со големо задоволство ќе ја претставам Програмата и составот на новата Влада во периодот од 2022-2024 година. За мене е најважно да ја добијам од вас поддршката и довербата да ја предводам Владата во интерес на остварување на стратешките цели и политики во интерес на граѓаните.
Веднаш на почетокот сакам да истакнам и потенцирам неколку важни позиции.
Денешниот избор на Влада е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и националното законодавство. На изборите одржани на 15 јули 2020 година, граѓаните јасно и слободно ја изразија својата волја и гласаа за пратеници, за сите вас присутни во собраниската сала. Како резултат на народната волја, се дефинираше парламентарно мнозинство кое во меѓувреме се зголеми и прошири.
Оттаму, сакам да ја зацврстам јасната позиција дека новата Влада ќе има целосен формално-правен, институционален и политички легитимитет. И за ова понатаму е беспредметно да се разговара.
Зошто денес и утре ќе дебатираме и ќе гласаме нова Влада? Лесно прашање, со тешки, но нужни одговори.
Затоа што граѓаните се уморни и ги отфрлаат празните партиски говори. Затоа што проблемите од минатото, дополнети со здравствените и економските негативни ефекти на пандемијата ги исцрпија нашите семејства. Проблемите дополнително се зголемија со влијанието на енергетската криза и глобалните инфлаторни движења, што ја намали и истенчи вербата и очекувањата за подобро. Затоа што, за жал, се помалку луѓе веруваат и се за некого и нешто, а се поголем број на граѓани се против некого и нешто.
Дали се согласуваме дека е потребно да ставиме крај на ваквите ситуации? Јас велам ДА. Верувам дека сите се согласуваме со тоа.
Дали решението е во нови и повторни избори, по само неколку месеци од последните? Секако не. Затоа што граѓаните се изморени секоја година да излегуваат на избори, за да одлучат да ги променат кариерите на 120 пратеници и дваесетина министри.
Не, драги колешки и колеги, наша обврска и одговорност е да ги решиме проблемите и предизвиците, и старите и новите, со кои нашите сограѓани се соочуваат секој ден, од наутро до навечер.
Како ново, зголемено парламентарно мнозинство, ја прифативме пораката на граѓаните дека мора подобро, мора побрзо и поефикасно да ги креираме и испорачаме резултатите, решенијата и мерките. Во сите области, без исклучок.
Да не губиме време, кое веќе е премногу изгубено и како највреден ресурс во животот на секој човек, не може да се надомести. Но, може сегашното и идно време паметно и продуктивно да се искористи.
Имаме ретка можност и шанса во период од 2,5 години без изборни потреси, кои секогаш за политичарите најчесто се неоправдано историски, а за граѓаните секогаш оправдано трауматични, и да се посветиме на реалните проблеми и животот на граѓаните.
Да се посветиме на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеноста.
Немаме дилеми дека мора подобро и поефикасно да испорачаме резултати во борбата против криминалот и корупцијата, во ефикасноста на администрацијата која мора да се намали и професионализира, во креирањето на модерен здравствен систем, во образованието на младите. Наша обврска е да не дозвилиме младите да бараат авионска карта за надвор, туку да стекнат знаења и работа дома.
Имаме обврска, по толку години чекање, да се придивижиме кон Европската Унија. Како што претходната Влада ја исполни целта на граѓаните за полноправно членство во НАТО, нашата гаранција за безбедност и мир, така оваа Влада да ги започне преговорите кои значат економски напредок и развој.
Е затоа сме денеска тука! Да понудиме Програма и План за итно и поефикасно решавање на старите и новите предизвици, кои ја обременуваат нашата мала и сакана држава.
Почитувани пратеници, пред вас ја доставив Програмата за работа на новата Влада. Сметам дека е реална, остварлива, конкретна. Во неа има континуитет и од претходната програма на поранешната Влада затоа што добрите политики треба да продолжат. Има и нови политики и мерки, затоа што времето и предизвиците се менуваат. Затоа што и ние самите, мораме да се промениме за да бидеме подобар и поефикасен сервис за граѓаните. Ништо повеќе, ништо помалку.
Понудив најсоодветни кадри за спроведување на Програмата. Нема да речам, стари или нови, бидејќи тоа за мене не е пресудно. Понудив избор на кадри, кои се оптимален спој на искуство, но и на нова енергија.
Програмата и составот на Владата се збир на континуитет, на добрите политики и искуства, но и на промени, со единствена цел за поефикасно и целосно успешно решавање на старите и новите предизвици. Тим на луѓе кои ќе испорачаат резултати, но и нова вредност преку личниот пример за работа, солидарност, чесност, одговорност и отчетност.
Почитуван Претседателе, почитувани пратеници,
Би сакал накратко да ги презентирам клучните столбови на владината програма и заложбите на новата Влада преку кои ќе го унапредиме животот на граѓаните и реализираме стратешките цели на државата.
Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 %, на 5% просечен раст.
Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции.
Главен предизвик во економијата останува соочувањето со ефектите од пандемијата и енергетската криза. Уште на почетокот на мандатот, Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последниците од енергетската криза. Ова ќе биде направено со цел ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови.
Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата Влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите. Остануваме посветени и на подобрување на понатамошниот модел за редовно усогласување на пензиите.
Понатаму, Владата ќе поддржи раст на вкупната активност на бизнис секторот преку воведување на нови начини за финансирање и пристап до капитал. Конкретно, преку низа програми очекуваме значителен раст на капиталните инвестиции и извозот.
Согласно Планот за забрзан економски раст, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 51,1% во 2024, а стапката на невработеност во 2024 да достигне 11,4 % додека за првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 % до крајот на 2026 година.
Политиките на Владата се фокусираат и на намалување на младинската невработеност која што во време на Владата на СДСМ и коалицијата е веќе преполовена. Во фокус е поголемо вклучување на младите во процесите на одлучување како и реализација на поддршка за личен развој и едукација.
Порастот на минималната плата ќе продолжи како и растот на просечната. Во првата половина на 2022 година ќе го иницираме и заокружиме економско-социјалниот дијалог за утврдување на новата методологија за пресметка и порастот на нивото на минималната плата.
Во делот на енергетиката посветивме многу енергија и труд затоа што уште еднаш се покажа колку сме ранливи доколку сме високо енергетски зависни. Бидејќи секоја криза е шанса, оваа мора да се искористи за енергетска трансформација.
Конкретно, Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем.
Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција.
Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија.
Во овој контекст, заштита на животната средина останува врвен приоритет бидејќи тоа значи обезбедување на здрава и сигурна иднина на следните генерации. Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси. Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели.
Во делот на инфраструктурата, врвен приоритет е изградбата на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении. Поврзувањето исток-запад, со Р. Албанија и Р. Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на Владата до 2024 година.
Продолжуваме со изградба на автопатот Кичево – Охрид и Скопје – Блаце. Во план е отпочнување на целосна надградба на автопатот Тетово – Гостивар, како и уште четири автопатски делници. Планирана е тековна реконструкција и изградба на локални патишта во должина од преку 1000 километри во 36 општини.
Земјоделството е еден од клучните столбови на македонската економија. Владата ќе продолжи со годишната финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во износ од околу 200 милиони евра. Земјоделството мора да биде одржливо и самостојно за целосно покривање на потребите за храна, особено во услови на очекувано зголемување на глобалната побарувачка и цените на производите.
Почитувани пратеници,
Владата во својата работа ќе се води од основните принципи на добро управување и тоа одговорност, ефикасност, отчетност и чесност. Во тој контекст, силно ќе се посветиме на спроведуваме на Планот за борба против корупција. Тој се темели на четири столба односно Дигитализација на процесите за исклучување на човечкиот фактор во процесите, реформа на правосудството, зголемување на професионализацијата на институциите и четвртиот столб, јакнење на интегритетот на носителите на јавни функции.
Новата Влада ќе продолжи да ги негува и унапредува слободата и демократијата унапредувајќи ги сите демократски процеси. Силно ќе се посветиме на унапредување на медиумските слободи и права. Силно веруваме во вредностите како толеранцијата, правичноста и еднаквите можности. Веруваме во социјална правда, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и така ќе работиме.
Една од најзначајните политики на Владата на СДСМ е едно општество за сите. Во рамки на оваа успешна програма ќе продолжиме да ги приближуваме различните заедници една до друга преку низа конкретни проекти.
Охридскиот договор е додадена вредност на нашата демократија. Неговото постојано доследно спроведување е приоритет на Владата со чие исполнување истовремено се обезбедуваат добри и одржливи меѓуетнички односи помеѓу сите заедници.
Почитувани пратеници,
Ја остваривме повеќедецениската стратешка цел, членство во НАТО и обезбедивме мир стабилност и сигурна иднина за нашите деца. Но на патот кон ЕУ пред нас се предизвиците за кои двете влади, на Северна Македонија и на Бугарија, се одлучни да изнајдат решенија низ дијалог и соработка.
Македонските и бугарските граѓани се повеќе заинтересирани за економија, за културни, образовни и младински размени, за инфраструктура која поврзува и на овие теми мора многу повеќе да соработуваме.
Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик.
Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ.
Владата ќе продолжи исто така да ги одржува и развива добрососедските и пријателски односи со сите свои соседи, постојано иницирајќи нови програми и проекти за поврзување на граѓаните преку иницијативи како што е „Отворен Блакан“
Почитувани пратеници,
На крајот на моето воведно обраќање, дозволете и неколку лични и пораки во име на довербата за идната Влада.
Не знам, не сакам и нема да ги делам луѓето, граѓаните, министрите на „наши“ или „ваши“. Граѓаните се уморни и преку глава им е од поделби, препукувања и постојани надмудрувања. Доста им е од дневна политика и борба на партиски соопштенија.
Планирам единствено да ги разликувам луѓето на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. За првите секогаш ќе има место и ќе имаат поддршка, за вторите во Владата и институциите нема и ќе нема место.
Поделбите во општеството не се добри. Но за тоа не се виновни граѓаните, туку политичарите. Затоа промените мора да почнат и да се креираат во политиката. Граѓаните се обединети во барањата за решавање на проблемите и предизвиците, во очекувањата за добри и видливи решенија. Затоа и ние политичарите мора да се обединиме, да разговараме и соработуваме за да одговориме на нивните барања.
Ние ќе водиме политики на отвореност и стручност. Многу ќе слушаме, ќе бараме критика и сугестии, за да донесеме најдобри одлуки. Со целата Влада сме подготвени, како што се вели народски „трипати да мериме, еднаш да пресечеме“. Но, кога ќе се донесат одлуките, истите веднаш и неодложно да се применат, за да од нив сите граѓаните имаат корист.
Принципот на отвореност и партиципативност ќе започне од првиот ден. Нудам и се надевам на отворена соработка со сите. Сакам да разговорам со опозицијата, со академската заедница, со бизнис заедницата, со синдикатите, со граѓанскиот сектор.
Македонската национална засебност и идентитет не е само на Владата или на опозицијата, туку и на секој граѓанин, но и на нашите предци и наследници. За нејзиното зачувување обврска имаме сите, а Владата има најголема одговорност. Државата е наш заеднички дом, а ние како Влада имаме најголема обврска и одговорност со неа да управуваме. Земјата, водните ресурси, човечкиот капитал, јавните пари не се на Владата, туку на сите граѓани. Со нив ќе управуваме низ процес на најдобра верба, одговорност и заедничка консултација.
Мора конечно да постигнеме заедничка согласност за стратешките политики. Ако досега тоа доминантно се подразбирало само на планот на надворешната политика или на меѓуетничките односи, ние ќе понудиме таков начин на управување и договор и за образованието, здравството, земјоделието. Мора да престанеме секогаш да почнуваме од почеток. Мора да воведеме систем на континуитет на доброто, и промени на погрешното.
Бидејќи, како граѓани, како држава, можеме да обезбедиме речиси се, но најмалку на располагање имаме време.
Многумина ме карактеризираат како технократ. Во ред. Се нафатив на оваа обврска и одговорност, не затоа што е лесно и убаво, туку затоа што е тешко и затоа што сум убеден дека мора да се најдат решенија. Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите. Бидејќи од ветувања и надежи не се живее. Добар и квалитетен живот, повисок стандард, мир и спокојство се обезбедува само со многу труд. Тоа ќе биде нашиот модел на работа.
Економијата, како и во секоја држава, е клучната област. Не чека тешка година, со многу надворешни влијанија, но токму затоа имаме план и за големата енергетска криза. Знаеме како до подобрување на куповната моќ и стандард на населението, и како да поттикнеме развој на стопанството и поддршка на компаниите.
Не очекуваме и не бараме 100 дена грејс период за нова Влада. Едноставно, нема време за запознавање и анализи. Влегуваме во жарот на проблемите и предизвиците и ќе сториме се да бидеме успешни и ефикасни, за што јавноста и вие пратениците ќе не контролирате. Ве повикувам на отворена дводневна дебата. Внимателно ќе ги слушам сите Ваши аргументи и денес и утре, но и понатаму.
Светот забрзано се менува. За жал, сеуште постоечката Пандемија, радикално ги промени и менува нашите животи. Но, простор за оправдувања нема и ние мора да се менуваме. Длабоко сме уверени дека позитивните промени што сакаме и мораме да ги направиме во овие две и пол години, ќе не подготват за новото време и декадата пред нас. За да тие што ќе продолжат по нас имаат одлична основа за нов прогрес, како што претходната Влада успеа да ја придвижи државата напред, за што изразувам почит и благодарност.
Ќе дадеме се од себе да успееме да бидеме подобри и поефикасни! Верувам дека заеднички ќе успееме!
Да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!
Ви благодарам на вниманието.