Соопштение за јавност
„ВМРО ДПМНЕ едно зборува, друго прави. Нивните пратеници кои се лично засегнати од Законот за јавно обвинителство, како Вељановски, Димовски, Милошоски, одеа по пратениците и ги убедуваа да не гласаат за законот. Тие направија се што можеше законот да не се донесе и да се поништат предметите отворени после 30-ти јуни 2017-та. За овој законот се преговараше кога немаше случај „Рекет“, кога немаше снимки објавени од ВМРО ДПМНЕ. Заев во една прилика предложи ако сака ВМРО ДПМНЕ сите материјали од 1991-та наваму да бидат докази, но ним им беше друга борбата, тие тврдеа дека сите предмети отворени после 30-ти јуни биле илегални, Ако ВМРО ДПМНЕ се залагала, како што твррди, сите прислушувани материјали да бидат докази тогаш зошто велеа дека е нелегално да се отворат постапки за случаите за СЈО?“- праша Бојан Маричиќ, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ во емисијата „200“ на Алсат.
Тој посочи дека таквото лицемерие на ВМРО ДПМНЕ повеќе не се поднесува и дека нивното опстојување како партија е засновано на лаги.
„Цело време во преговорите се отвораше тема околу предметот „Талир“ затоа што е отворен после 30-ти јуни, 2017-та и дека треба да се затвори. Со формулација во еден член од законот, предложена од независната група, и овој предмет има ист третман како и другите предмети отворени по 30-ти јуни, само што прислушуваните материјали ќе бидат индиции. Со право се загрижени сите меѓународни преставници за овој предмет затоа што тој открива многу работи. Она што им сметаше на ВМРО ДПМНЕ во преговорите е сите материјали да бидат докази, затоа законот не се донесе во септември, тоа беше причината, статусот на прислушуваните материјали. Ова лицемерие веќе не може да помине“- поентираше Маричиќ и дополни дека преку кадрите што ги промовира ВМРО ДПМНЕ покажува дека и натаму е на страната на насилниците и криминалците.
„Со овие закони што ги донесовме овозможивме услови во правосудството за независно постапување. Судството треба да помине низ едно прочистување, судиите да го декларираат својот имот, да го докажат потколото на имотот и ако некои експлицитно застарувале предмети, ако биле корумпирани, нема да бидат повеќе во судството.
Овозможивме Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да бидат независни без да го имаат министерот за правда како контрола. Ние не сакаме да диктираме пресуди, но оние кои се под отворено влијание од кого било, тие ќе мора да одговараат, а тоа ќе ја зголеми довербата на јавноста во судството“- заврши Маричиќ.