Соопштение за јавност
Ставот на СДСМ е одамна познат, тој е јавно и програмски искажан, дека ние се залагаме за една изборна единица и сметаме дека тоа е потребно и за нашата парламентарна демократија, истакна пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева, во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.
Таа нагласи дека имајќи ги во предвид сите општествено-економски услови и степенот на развој на демократијата, многу посоодветно би било да има една изборна единица.
Исто така, познат е нашиот став дека за било која промена на изборниот закон особено за крупни промени, како што е оваа, неопходно е да имаме консензус, рече Калеска Ванчева, додавајќи дека покрај легалност, треба да се обезбеди легитимност, бидејќи изборниот законик е за спроведување на фер и демократски избори, во кои сите чинители ќе имаат еднакви можности во таканаречената трка за власт.
Како што се одвиваат настаните и како што се се погласни оние кои се залагаат за промена на изборниот модел, покажува дека е созреано времето да се отвори вистински дијалог, а вистинското место, каде што треба да се водат сите разговори е собранието, рече Калеска Ванчева.
Таа додаде дека промената на изборниот модел е крупен чекор и сите политички чинители особено оние кои се претставени во парламентот, мора да седнат заеднички и низ заедничка дискусија, онака како што доликува на парламент, сите заедно во една деловничка постапка да го отворат прашањето и да дојдат до нешто што е заеднички именител.
За вакво прашање неопходно е да има вистинска расправа, во која ќе бидат вклучени и експерти и независни луѓе кои имаат експертиза, секако сите политички чинители, да се слушне гласот на јавноста, на експертите, јавно да се споделат искуствата и теоретски и практични и на крајот сите да дојдеме до заклучок дека тоа е тој модел што и е потребен на нашата држава, во тој случај секако дека тогаш би го поддржале, истакна Калеска Ванчева.
Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ се плаши од крупни чекори, Калеска Ванчева нагласи дека СДСМ докажала и докажува дека не само што не се плаши, туку ги прави најкрупните чекори и ги отвора најгорливите прашања, не водејќи се од она што значи дневна политика и состојбите што би ја нарушиле комфорната состојба.
И целата јавност тоа го знае, СДСМ ни случајно не се плаши од крупни чекори, напротив, но ВМРО-ДПМНЕ има докажано во минатото дека сите горливи прашања ги ставала под тепих заради своето комотно владеење, нагласи пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева, во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.