Соопштение за јавност
На вечерашното обраќање на маршот „Чекориме до правда“ претседателот на СДСМ Зоран Заев истакна дека треба да се искористи позитивниот момент со носењето на Законот за јавно обвинителство и судиите да се охрабрат и да носат одлуки без да подлегнуваат на притисоци.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од вчера се целосно поразени на тема правда. И вчера целата јавност тоа го виде. Успеавме да обезбедиме двотретинско мнозинство и ве повикувам со огромен аплауз да им се заблагодариме и да ги поздравиме нашите 80 пратеници од македонскиот парламент. Затоа почитувани сограѓани, треба да се искористи овој момент, сите да се охрабрат. Судии, обвинители, поротници! Ослободете се, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту нивните инсталации не ви можат ништо! Граѓаните, нашиот народ од кои што земаме плата, очекуваат правда – на вас е да ја испорачате правдата во Република Северна Македонија“ порача Заев.
Претседателот Заев истакна дека институциите го ослободуваат судството и затоа со право сите очекуваат правда и владеење на правото.
Ние го ослободивме судството,и да знаат судиите и обвинителите дека го ослободивме но будно го следиме. И затоа денеска чекориме, затоа што гориме, затоа што сме жедни, затоа што сакаме правда, правда во нашата земја. Да правдата доаѓа бавно, но доаѓа! Ако ги ослободивме обвинителите и судиите, да судат подеднакво за сите, еднакво да важи законот и правдата за сите, тоа не значи дека можат да забегаат во друга крајност. Затоа сме денеска овде, законодавството е донесено, нема да дозволиме затоа што и правосудството и Парламентот и извршната власт,и локалната власт, постојат заради граѓаните. Овде сме со будното око, да следиме и да чекаме, правна завршница на сите случаеви. Таму каде што има докази, очекуваме транспарентни одлуки, по устав, закон и сопствено убедување на судиите. Очекуваме казни затвор, таму каде што нема докази, законот важи еднакво за сите и никој не е виновен. Затоа сме денеска овде, вака спонтано собрани, затоа што ни треба правна држава. Стоиме тука пред црвената линија – и нема да ја преминеме, зашто не смее ниту партија ниту извршна власт да влезе во судска власт! Ние не смееме и нема да се мешаме во судската власт, но имаме обврска да бараме судската власт да се менува и тоа го бараме. Го бараме денеска, овде пред судот, ќе го бараме и преку институциите и преку јавноста. Ќе го бараме постојано се додека оваа држава, овие граѓани не добијат правда, порача претседателот Заев на маршот „Чекориме за правда“.