Соопштение за јавност
Опозицијата треба да се вклучи во дијалог за решенија и да ја напушти деструктивната позиција. Избори нема да има, само ќе предизвика штета врз граѓаните, рече Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер Бојан Маричиќ во денешното интревју на Телма Телевизија.
“Владата има должност во овие тешки моменти, кога имаме криза на масата да постапува одлучно и да се грижи за што повеќе закони бидат донесени во интерес на граѓаните. Опозицијата за жал има деструктивна позиција со цел да изнуди вонредни избори кои што нема да ги предизвика, а ќе нанесе голема штета на граѓаните. Ние и до сега учествуваме во една ситуација во која опозицијата блокараше. Секогаш сме биле отворени за дијалог и сега сме во однос на одредени закони, но и генерално. Јас вчера имав прилика на една дебата, да го повикам Александар Николоски од ВМРО – ДПМНЕ, како претседател на Националниот совет за европски интеграции да свика седница на советот, да разговараме за сите овие и други прашања кои што се битни за воспоставување на дијалогот.” рече Маричиќ.
Маричиќ додаде дека ЕУ има чувство на ургентност и брза за решние во јуни, но решение е можно само со заштитени македонски национални интереси.
„Ние направивме максимум во овој период, наша должност беше да дадеме шанса на разговорите со Бугарија, и сѐ уште е. Ниту пак некогаш се врзувавме за јуни како пресуден датум, ЕУ беше таа која притисната од геостратешката ситуација почна прва да го комуницира јуни како датум, и високиот претставник Борел, и комесарот Вархеи, и официјално портпаролите на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ и тоа е за нас добро. Меѓутоа ние немаме намера да направиме чекор, кој што ќе ги наруши нашите интереси, ниту да дозволиме да бидеме напаѓани за едно или друго. Нашите интереси се да ги почнеме преговорите, но не по секоја цена, односно да ги поченме со фер договор којшто нема да задира во нашето достоинство и национален идентитет“, нагласи Маричиќ.
Северна Македонија не треба да отстапи од европскиот пат и тоа наше залагање треба да биде упорно, затоа што ние знаеме зошто сакаме таму, каква држава сакаме да изградиме и знаеме дека заслужуваме да бидеме членки на ЕУ, додаде секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ, во денешното интервју за Телма телевизија.