fbpx

Маричиќ: Со предлогот ни се отвора вратата што 17 години беше затворена, имаме загарантирана чиста формулација на македонскиот јазик

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија оцени дека опозициската коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Левица го злоупотребува прашањето за почеток на преговори со ЕУ и го сведува на прашање на некаква битка помеѓу нас и Бугарија.

Мислам дека, за жал се злоупотреби целата оваа ситуација, затоа што точно е, имаме билатарален спор, бевме доведени во една незгодна ситуација, меѓутоа суштината на овој процес, а тоа го кажа и претседателката на ЕК која се обрати денес во нашето Собрание е дека ни се отвора вратата која што 17 години беше затворена, истакна Маричиќ, додавајќи дека претседателката Фон дер Лајен денеска кажа дека доколку се прифати овој пакет, преговорите започнуваат веќе наредната недела.“

Маричиќ нагласи дека наша главна прослава треба да биде фактот што после 17 години чекање државата влегува во фаза на преговори со ЕУ, во 17 години чекање и 13 позитивни препораки на ЕУ, имале и други влади шанса, 11 години имала шанса ВМРО-ДПМНЕ, во 90-тите исто така имало многу шанси под многу подобри услови да се решат овие прашања за да денес не мораме да бидеме во оваа ситуација.

Ова е компромис кој што се прави заради нас, а не поради Бугарија или некој друг. Компромисот е едноставен – гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите од една страна и внесување на Бугарите во Уставот пред Втората меѓувладина конференција од другата страна. Тоа е компромисот. Секој граѓанин и пратеник треба да ги погледне документите и нека најдат една точка во овој документ кој го негира нашиот јазик, кој ни наметнува некаква асимилација и кој што ни го оспорува правото да говориме македонски јазик и да се наречеме Македонци, истакна Маричиќ.

Тој додаде дека во моментов во преговарачката рамка имаме македонски јазик, исто така имаме согласност од Бугарија, ако го прифатиме овој пакет веднаш да го потпишеме договорот од Фронтекс на македонски јазик.

Нашата цел не е да ја убедиме Бугарија да го смени ставот, нашата цел е ставот на Бугарија да нема влијание на ЕУ и на позицијата на ЕУ и затоа ни беше битно и во преговарачката рамка да стои македонски јазик без никакви додавки, цртички, запирки или фусноти што беше барање од Бугарија, рече Маричиќ додајавќи дека на крајот на процесот македонскиот јазик треба да се официјализира како службен јазик на ЕУ.

Маричиќ нагласи дека доколку во било кој момент се добие непристоен предлог за јазикот и идентитетот со целосно право може да се напуштат и прекинат преговорите, никој не може да не натера да се асимилираме.

Немаме гаранција дали некоја бугарска влада за 10-15 години ќе прави проблеми, но дали е тоа доволна причина да не тргнеме во преговори, дали е тоа доволна причина да стоиме во место уште 17 години, само затоа што има опасност некоја држава да не блокира во иднина, нашиот јазик и идентитет зависи само од нас и ние нема никогаш да се откажеме од тоа, ниту оваа ниту која било идна влада, тоа е зацртано во декларацијата усвоена во Собранието, во Уставот и во овие заклучоци за усвојување по оваа информација, рече Маричиќ.

Тој истакна дека е оставено доволно простор за опозицијата, со креирање на заклучоците, кои се пред Собранието.

Со денови го држиме предлогот отворен за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, дел од работите од неформалните комуникации ги внесовме, меѓутоа одговорноста сепак е на нив. Многу поодговорно е наместо да влезат во креирање на некоја популистичка и националистичка реторика и оваа претстава што ја прават денеска во собранието да се понесат одговорно, да седнеме, да најдеме начин, бидејќи ова е национална задача. Ретко која држава има тежок пат како нас, сега сме на чекор да влеземе во нова фаза, од која не може да се вратиме назад. Тој пат завршува со членство во ЕУ, а ние треба да одлучиме со која динамика тоа ќе се случи, порача меѓународниот секретар на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Последни вести