Соопштение за јавност
СДСМ ја осудува денешната провокација во Охрид, но и секоја друга провокација, наша обврска е институционално да најдеме решенија за да ги затвориме овие прашања за кои сме свесни дека има незадоволство, порача пратеничката на СДСМ, Марија Георгиевска во гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 Телевизија.
„Оваа држава почива на херојството на нашите претци и делата од антифашистичката борба и за нас тоа како партија е важна, безвременска вредност. Уверени сме дека ова се спорадични, поединечни случаи на провокации кои се од трет интерес, бидејќи има групи од двете страни кои сакаат двете држави да бидат во вечен конфликт кој нема да донесе ништо добро“ порача Георгиевска, додавајќи дека има недоречености во Законот за граѓански здруженија и дека Министерството за правда веќе работи на измени на Законот кои ќе се донесат низ дебата и инклузивен процес на консултации.
Осврнувајќи се на работата на Собранието, Георгиевска порача дека ВМРО-ДПМНЕ блокира законски измени и со тоа нанесува штета на граѓаните.
„Како ВМРО-ДПМНЕ проценува кои закони се штетни за граѓаните? Ексклузивно право си дава ВМРО-ДПМНЕ да оценува дали некое законско решение дали е во интерес на граѓаните, а сите закони се за граѓаните и нивните интереси“ посочи Георгиевска.
Пратеничката Георгиевска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ свесно сака да предизвикува кризи во државата, затоа што во таа партија се исплашени од правдата.е
„Вие во ВМРО-ДПМНЕ не сакате да функционира правосудниот систем, затоа што ви следат обвиненија, затоа што дека треба да одговарате пред судските органи. Свесно сакате да направите криза секаде за да не функционира државата, затоа што сте исплашени од правдата“ порача Георгиевска.