Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва во градот херој- Прилеп се обрати на трибина со граѓаните во преполна сала во Домот на културата, Марко Цепенков.
Во своето обраќање пред прилепчани, претседателот Ковачевски потенцираше дека сонот и аманетот на Блаже Конески се исполнети, државата и владата успеаа да се изборат за македонски јазик признат и потврден од сите.
„Македонскиот јазик е на исто рамниште со сите јазици во Унијата. Македонскиот јазик во ЕУ, признат и потврден, еднаш, засекогаш. Направивме историски исчекор, го потпишавме првиот документ со Европската унија на официјален македонски јазик, чист, без фусноти, без ѕвездички и додавки. За прв пат имаме договор кој што е одобрен од сите 27 членки и каде што сме ставиле потпис на договор на кој што стојат имињата и јазиците на сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Грција и Бугарија“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Ковачевски меѓу другото се осврна на континуиетот на македонскиот јазик низ вековите притоа потенцирајќи ги делата и умотворбите на Марко Џепенков, граматиката на Круме Кепески, па се до трајната оставштина на кодификаторот, великанот од Небрегово, Блаже Конески.
„Благодарни сме на нивниот придонес, на сите наши македонски преродбеници, но и задоволни што во градот под Марковите кули доаѓаме гордо, достоинствено и со крената глава.„ додаде Ковачевски на денешената трибина Силна и одлучно кон иднината во Прилеп.