Соопштение за јавност
Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски, во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24 истакна дека е постигнат договор на програмските принципи како политички партии за влез на Алијанса на Албанците во Владата.
Создавањето на еден проевропски блок, версус блокот којшто е против Европската унија или којшто не ги поддржува сите процеси за ЕУ е важно да се случи во периодот што следи, рече Каевски.
Каевски додаде дека Алијанса на Албанците ја прифати најважната цел за членство во ЕУ и нагласи дека секој што е за европскиот пат е добредојден.
Секој политички блок, политички субјект, којшто има претставници во парламентот и оние коишто немаат, а се за европскиот пат и програмските принципи за коишто се залагаме како политичка партија и Влада е добредојден и е вредно да се разговара, да се комуницира за сите ставови да се направи еден блок кој е европски, кој ќе ја турка државата напред, пред се во делот на преговорите со ЕУ, рече Каевски.
Пратеникот Каевски нагласи дека вратата е отворена и за Алтернатива, односно тие да останат во Владата.
Алтернатива ќе си ја соопшти нивната одлука. Алтернатива ги поддржува принципите за кои се залага Владата. Тоа е партија што ги поддржа процесите и ќе ги поддржи, без разлика дали се во опозиција или во Владата, истакна Каевски.
Во врска со најавите на Христијан Мицкоски за ново парламентарно мнозинство, Каевски рече дека тоа се паушални изјави, кои никој не ги сфаќа сериозно.
Секогаш кога Христијан Мицкоски најавуваше ново мнозинсво, не само што не се намалуваше владиното парламентарно мнозинство, туку се зголемуваше, тоа се случи на крајот на 2021 година и почетокот на 2022 година, тоа се случува и денеска во процес да се зголеми парламентарното мнозинство, нагласи, Каевски.
Пратеникот на СДСМ Каевски истакна дека граѓаните добро знаат кој со кого е во коалиција.
Мицкоски се однесува како заложник на Левица. ВМРО-ДПМНЕ е во скоро сите општини во коалиција со Левица, а и во Собранието, рече Каевски доавајќи дека врз база на заложништвото на ВМРО-ДПМНЕ од Левица, колку е порадикален Димитар Апасиев толку е повеќе радикален Христијан Мицкоски.
Каевски очекува дека владиното парламентарното мнозинство ќе се зголемува, бидејќи на она што СДСМ го дава како концепт, за европскиот пат на државата и многу пратеници од опозицијата велат дека немаат ништо против тоа, но имаат можеби присток од членството, јавноста.
Се надевам дека час поскоро ќе се разбуди совеста во опозицијата и ќе ги поддржат уставните измени, затоа што тоа мораме да го продолжиме европскиот пат, бидејќи друга алтернатива немаме. Ако опозицијата смета дека има алтернатива вредно и чесно е да ја каже, нагласи Каевски.
Сега сме најблиску да го заокружиме овој процес и сега имаме шанса да ја оствариме нашата најважна стратешка цел, порача пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски, во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24.