Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ – Вардарски, денеска се сретна со шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Калиан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во земјава, процесот во Собранието за реконструкција на Владата, реализацијата на реформите за продолжување на европскиот пат на земјата како и за глобалните безбедносни предизвици.
Зечевиќ потенцираше дека во услови кога се уште трае глобалната економска и енергетска криза поголема политичка стабилност и ефикасност на Собранието ќе допринесе да продолжиме со реформите во економијата, судството и чекорите за продолжување на интеграција во ЕУ, како дополнителни фактори на сигурност.
-Зајакнување на парламентарното мнозинство ќе обезбеди политичка стабилност а кадровското освежување ќе внесе нова енергија за реализација на политиките. Јасно е дека изборите ќе се одржат во 2024 година и таа политичката стабилност е добра и за инвеститорите и за економијата. Секако зајакнувањето на мнозинството од европската коалиција е значајно за иднината, затоа што ние иднината на нашата земја ја гледаме во ЕУ, а не изолирана. Во оваа насока, очекувам во наредниот период ова зајакнато парламентарно мнозинство дополнително да се зголеми, за продолжување на европскиот пат на земјава, рече Зечевиќ.
Оваа 2023 година започна со огромен успех за македонската држава. Од први јануари сме претседавач со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 држави, меѓу кои и САД. На овој начин придонесуваме во одржување на светскиот мир, безбедносната соработка и стабилноста, додаде Зечевиќ.
-Претседавањето со најголемата безбедносна организација во светот е потврда за капацитетот на македонската држава, ја покажува одговорноста на актуелните политичари во однос на глобалните текови во едно турбулентно време за целиот свет. Претседавањето со ОБСЕ значи и дополнително зајакнување на меѓународната позиција, важно за земја која започна преговори за членство во ЕУ и претставува регионален фактор на стабилност, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ-Вардарски.