Соопштение за јавност
Единствената тема на која Христијан Мицкоски ја базираше својата политика во изминатите 2,5 години е предвремени избори. Борба за фотелја и ништо друго. Денес ВМРО-ДПМНЕ може да прогласи капиталуција на Мицкоски на тема предвремени избори, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање денеска во Собранието.
-Најболното прашање на ВМРО – ДПМНЕ е тоа што не на власт. Дури и Собранието го блокиравте во време на светска и енергетска криза. За време на Ковид пандемијата помошта за граѓаните се обидовте да ја блокирате исто така тука во Собранието. Хистеријата околу европскиот предлог за наводна асимилација и бугаризација, навреди за пратениците, свирење на вувузели, попречување на говорот на пратениците во Собранието, единственото нешто што го правевте. Се тоа беше за да се создаде тензија, дестабилизација со единствена цел фотелја, желба за власт, пари и тендери. Како што видовме и во градот Скопје, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека од конститутивната седница наваму ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател Мицкоски цело време тврдат дека владата нема да трае долго, дека ќе следуваат брзи избори.
-И оваа година ја започнавте со тоа. Со лага дека имате 61 пратеник и дека во јануари или февруари ќе има ново парламентарно мнозинство за да се распушти собранието и да се распишат предвремени избори. Еве среде февруари ниту Мицкоски ниту вие имате 61 пратеник, ниту има ново мнозинство, ниту има распуштање на Собранието. Јасно е дека изборите ќе бидат во 2024 година. Прво претседателски, на кои ќе победи кандидатот на европската коалиција, а потоа парламентарни избори на кои повторно ние ќе формираме Влада, додаде Ковачевски.
Во оваа насока претседателот на СДСМ спомена 10 најголеми лаги на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период.
-Сакам да повторам неколку од најголемите лаги кои ги кажавте овде а тоа се Прво. Дека ќе имало асимилација и бугаризација. Наместо тоа имаме македонски јазик во ЕУ со потпишан ФРОНТЕКС договор кој не го гласавте. Затоа што бугаризацијата во оваа држава ја прави ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – БНД со нивниот претстател Ванчо Михајлов. Сите тие отворачи, затворачи и палачи на клубови се ваши членови, проверете си ги сликите. Второ. Дека нема да почнеме преговори со ЕУ. Почнавме преговори и тече скрининг процесот. Трето. Дека следувало набавка на 100 нови автобуси за Скопје. Град Скопје нема градски превоз затоа што ВМРО-ДПМНЕ е локална власт. 4 то, дека ќе има фабрика за автобуси во Скопје со 500 вработени. Нема фабрика за автобуси. Ниту има вработени 500 вработени во таква фабрика. 5. Дека Данела Арсовска не била градоначалник на ВМРО – ДПМНЕ. А ваш кандидат е со која славевте во вашата палата. 6. Дека нема да има доволно струја и дека ќе имало рестрикции, струја има. 7. Дека цената на струјата ќе се зголемела до 30-40%. Цената на струјата се намали. 8. Цената на нафтата ќе се зголемела, цената на нафтата се намали. 9. Во 2021 ќе има предвремени избори. Во 2022 ќе има предвремени избори. Немаше избори. 10. Дека имате ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО – ДПМНЕ. 11. Дека нема да има доволно енергенси. Еве ова го правевте од првиот ден од формирањето на овој парламентарниот состав, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.