Соопштение за јавност
Заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски денеска разговараше со претставници на независниот синдикат од културата и од независната културна сцена, пред кои истакна дека иако претседателот нема директни ингеренции во овие области, сепак со интегритетот и угледот, како и со желбата работите да се подобрат, ќе укажува на аномалиите и проблемите и ќе поттикнува на унапредување на културната дејност.
„ Досегашниот претседател немаше свое јас, јас не сум таков човек, мора да се говори отворено бидејќи културата е богатството и лицето на државата. Јас немам ингеренции и во други области и случувања, како што е непотизмот, па сепак не премолчувам. Секој од нас вклучително и претседателот мора да биде коректор на општествените процеси“, рече Пендаровски.
Во разговорите, Пендаровски посочи дека ќе предупредува да не се поставуваат како во претходната власт културни аташеа и коректори на културни центри само затоа што се партиски послушници и истакна дека проектот “Скопје 2014“ беше еден од двигателите граѓаните да излезат на улица и да бараат заминување на претходната власт.
„Тоа не е проект, туку злоупотреба на архитектурата, историјата. Затоа не треба да се гледа само од финансиски аспект да се гледа кој колку земал и колку е потрошено. Тој проект беше насаден во главата на еден човек и нема никаква врска со нашата историја, тоа е крадење на историјата. Проблемот е и морален, бидејќи многу луѓе влегоа во ова за пари и ја погазија професијата. Сега и противкандидатка, иако е професор, говори на националистичка основа, таа е дел од таа матрица“, рече Пендаровски.