Заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски и заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, на трибина со жителите на Аеродром порачаа, на 5 мај да се излезе масовно на гласање и граѓаните да изберат вистински претседател на државата на кој прва и последна задача ќе му биде да работи за својот народ, за доброто на сите без разлика на вера, етничка или партиска припадност, претседател кој нема друга агенда освен напредокот на државата.
Пендаровски во Аеродром рече дека во вториот круг очекува десет пати поголема разлика отколку во првиот круг.
„Со заокружување на бројот 3 даваме шанса на единствениот начин да се приклучиме на Европската унија и НАТО. Другата понуда е враќање назад, изоалција и уназадување. Гласот за Гордана е гласање за нов Иванов. Поддршката за Мицковски е глас за враќање на Груевски. Знам зошто голем дел од граѓаните не излегоа на гласање во првиот круг, но сега треба да излезат заради иднината на државата, да не дозволиме враќање на диктатура и режим.“, рече Пендаровски
Шекеринска апелираше да не им се даде шанса на кандидатите кои на далечинска контрола се раководени од белата палата или од Будимпешта, да не им се даде шанса за да не се врати недемократското и недомаќинско живеење.
„Кога на 5 мај ќе излеземе да гласаме да се потсетиме на 5 мај пред 4 години. Каде беше тогаш Гордана Сиљановска кога беше првиот напад на Груевски врз младите, врз студентите? Каде беше Гордана Сиљановска кога нејзините студенти ги тепаа, каде беше кога нејзините колеги ги уценуваа? Каде беше кога ги слушавме бомбите и кога се кршеше правната држава? Тогаш молчеше. Каде беше кога телевизии се затвораа? Тогаш не молчеше туку оправдуваше. Доцна е сега да се зборува за правна држава, кога 11 години ја одмолча најлошата власт и сите неправди“, рече Шекеринска.
Таа ја пренесе добрата вест од Берлин, каде премиерот Заев имаше средба со Меркел и со Макрон, а тоа е дека Северна Македонија е исклучок од лошите вести од Западен Балкан, бидејќи е земја која има реформска влада, земја која покажа дека знае да ги решава и најтешките прашања, земја која заслужува да ги започне преговорите со ЕУ.
Само со масовна излезност и со гласот за Стево Пендаровски, посочи Шекеринска, ќе покажеме дека со режимот е завршено засекогаш и дека продолжуваме заедно напред кон ЕУ и НАТО.