Соопштение за јавност
Со полноправното членство во НАТО заокруживме една од стратешки цели на државата, со што затворивме едно големо поглавје, сега останува второто поглавје, а тоа е членството во Европската унија, истакна пратеникот на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Каевски нагласи дека изминатите три години покажаа дека е направен правилен исчекор со полноправното членство во НАТО, особено во услови на војна на тлото на Европа.
НАТО ја дава сигурноста, што се огледува и со рекордните директни странски инвестиции во државата во минатата година во вредност од 735,8 милиони евра, рече Каевски додавајќи дека тоа е дополнителен мотив за нашите заложби за членство во ЕУ.
Како СДСМ сме отворени да разговараме за голем број прашања, но главен приоритет се уставните измени за членството во ЕУ, нагласи Каевски, додавајќи дека во периодот што следи главниот фокус треба да биде на уставните измени за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.
Каевски нагласи дека со транспарентност, отчетност и јавност на процесот ќе се тргне сомнежот што опозицијата, односно ВМРО-ДПМЕ и Левица го ставаат кај граѓаните.
Во периодот што следува е најпрвин да се објави тимот на експерти и да се објават пред граѓаните уставните амдмани за да се даде јавност и транспарентност на процесот, очекувам со предложени кандидати во работната група и опозицијата да даде свој придонес и процесот да биде подобар и поквалитетен, рече Каевски.
Пратеникот Каевски истакна дека се влегува во еден сериозен процес за кој сите треба да дадат придонес, без разлика дали е опозција или позиција.
Се повеќе пратеници и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да дадат поддршка, тие знаат дека нема ништо лошо во уставните измени и тие се за да се продолжи патот кон ЕУ. Во ВМРО-ДПМНЕ постои сериозна група која е за уставните измени и која не само декларативно се залага членство во унијата, порача пратеникот на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.