Соопштение за јавност
Уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава, во делот на пристапување кон ЕУ и за мене беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои партии нема да учествуваат во работната група формирана од Министерството за правда затоа што Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ се против НАТО и ЕУ, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски
-Во државата имаме два концепти. Едниот концепт се политички партии кои поддржуваат Северна Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ. Имаме втора група на политички партии, предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО – ДПМНЕ и јас ова го кажував во септември минатата година, кои што се против членството на земјата во НАТО и ЕУ, рече Ковачевски
И тоа во историјата се потврдило, додаде Ковачевски.
-Одлуките за НАТО, опозицијата денешна не ги гласаше. Тие не гласаа ниту за договорот Фронтекс каде што за прв пат, јазикот македонски е дел од Договор во кој што се наведени сите други јазици на земјите членки на ЕУ. Ниту тоа не влегоа да го гласаат во Собранието, потенцираше претседателот Ковачевски.
Подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на највисоко ниво и зачленувањето во ЕУ не може да биде заложник на кариерата на еден човек, нагласи Ковачевски, алудирајќи на Мицкоски.
-Подобрувањето на животниот стандард, воведувањето на демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не може да бидат заложник на кариерата на еден човек. Туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието, да носат одлуки кои што ќе обезбедат европска иднина на сегашните и на идните генерации. Затоа велам дека овој процес не може да биде заложник на еден човек. Ниту пак процесот е процес на еден човек, една партија или една влада. Ова е процес во кој што треба сите да учествуваат, затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, ама тука дома, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓина да одат да работат, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.