fbpx

Пендаровски: 8 клучни проекти за првите 8 месеци од мандатот, заедно напред!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Почитувани новинари, 

По 5-ти мај, Претседателот повторно ќе биде почитувана институција, кој ќе биде глас на разумот, силен заштитник на граѓаните и ќе игра суштинска улога во обезбедување национален консензус и стратегија околу клучните прашања од интерес на граѓаните. 

Денес пред вас и пред целата јавност сакам да ги претставам првите 8 проекти кои сакам да ги реализирам во првите 8 месеци од преземањето на претседателската функција. Тие ги отсликуваат моите клучни заложби и столбови на програмата а тоа се: 

1. Да бидам претседател на сите граѓани
2. Да го поддржам политичкиот дијалог 
3. Да бидам достапен и во постојана комуникација со граѓаните. 

1. Ќе организирам Форум за натпартиски политички дијалог. 

По долги години конфликти и поделби, на Македонија и е потребен меѓупартиски дијалог за најважните прашања за граѓаните. Претседателот треба да биде гласот на разумот и балансот меѓу политичките партии и овој форум има за цел токму тоа да го постигне. Првиот проект ќе виде  форум за надпартиски политички дијалог. По долги години конфликти  и поделби, на Македонија и е потребен надпартиски дијалог за најважните прашања за граѓаните.  Претседателот треба да биде гласот на разумот и баланс меѓу политичките партии и овој форум има цел токму тоа да го постигне. Во рамките на форумот, според потребите, ќе биде вклучена и академската и стручната јавност, бизнис-заедницата, синдикатите и граѓанските организации.

2. Лице во лице со претседателот

Ќе организирам директни средби со граѓаните во нивните градови и села, според однапред утврден годишен календар на средби. На тие средби директно и без посредници ќе разговарам со граѓаните и ќе одговарам на нивните прашања и предлози. Досега само партиите и некои од  институциите на власта го практикуваа ова, додека претседателот беше изолиран од ваква дирекна комуникација со граѓаните. Ова сметам дека мора да биде променето и дека претседателот едноставно мора да е близок до граѓаните 

3. Претседателски Центар за Политичко образование

Во рамките на Кабинетот на претседателот, ќе формирам центар за континуирано политичко образование. Овој центар првенствено ќе се разликува од досегашната школа за млади лидери на Иванов, бидејќи нема да биде школа за политички елити, туку ќе настојува да ги поврзе младите од различно потекло со еминентни предавачи и тренери од државата и странство. Центарот ќе поттикнува интерес кај младите за политиката и ќе ги мотивира тие да се вклучат, да ја разберат и да ја практикуваат на најдобар можен начин.

4. Фонд за стипендирање студенти и истражувачи

Досегашната награда за најдобар млад научник ќе ја трансформирам во Фонд за стипендирање на најдобри студенти на универзитетите во државата, но и на наши студенти кои треба да одат на реномирани универзитети во странство. Целта е да се прошират можностите и што повеќе млади да може да имаат бенефит од овој фонд. Фондот ќе поддржува и иновативни истражувачки проекти на млади истражувачи коишто работат на универзитетите и научните установи во земјата.

5. Годишна конференција за научен и технолошки напредок

Претседателот мора да  игра активна улога во поддршка на образованието и науката. Како професор и човек од академската заедница ова ќе биде една од моите главни заложби. Годишната конференција ќе биде можност за претставување на научните достигнувања и резултатите од истражувањата на научниците, истражувачите и иноваторите во нашата држава. Таа ќе биде поддржана од претседателот, а организирана во соработка со универзитетите и научните установи во земјата.

6. Волонтираме за солидарно општество

Верувам дека меѓу другите задачи, претседателот треба да ги поврзува граѓаните и институциите и да придонесува за подобра комуникација. Кабинетот на претседателот ќе организира волонтерски настани секоја година  на којашто граѓаните ќе имаат можност да волонтираат за општокорисна цел. Целите и настаните ќе бидат дефинирани на годишно ниво во соработка со државните институции, општините и граѓанските организации. Основна цел е да се промовира волонтерството како концепт за служење на заедницата и помагање на ранливите групи граѓани.

7. Жени во политиката

Ќе назначам посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката. Заедно со неа, мојот кабинет ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката. Ќе ги поддржам заложбите за задожително учество од најмалку 50 % жени на изборните листи на парламентарните и локалните избори. Активно ќе се залагам за осигурување на зголемено присуство на жените на сите нивоа на одлучување.

8. Претседател на сите граѓани

Во мојата кампања имате можност да следите дека една од моите главните заложби и ветувања е дека ќе бидам претседател на сите граѓани. Ова прво ќе го докажам како пример во мојот кабинет. Во кабинетот ќе има претставници од сите етнички заедници избрани според нивната компетентност и професионалност. Кабинетот на претседателот ќе го отсликува мултикултурниот карактер на нашето општество. Со ваков пристап исто така ќе може одблиску да работам и да ги разбирам подобро проблемите на сите етнички заедници.

 

Последни вести