Соопштение за јавност
Под маса преговори за виталните интереси на државата – СДСМ не води, ние сме сериозни, понудата на маса е сериозна, иднината на земјата е прашање, порача во интервју за неделникот „Фокус“ генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.
„Не сакам да верувам дека од другата страна имаме луѓе коишто не гледаат подалеку од портите на партиската палата и кои партискиот интерес го ставаат пред националниот и државен интерес. Времето ќе покаже кој од што е направен и кој за што се борел. Едноставно е – не можете во целата современа македонска независна историја да не бидете присутен кога се носат клучните одлуки. Во сите клучни мигови СДСМ ги носи тешките одлуки. Дајте сега, сите, ама баш сите заедно, конечно да ја испишеме новата страница, новото европско поглавје на македонската епопеја, на македонската државност!“ посочи Зечевиќ.
Генералниот секретар истакна дека во целиот тој процес на разговори нема никакви „олеснувачи“ од страна, додавајќи дека обезбедувањето на европската иднина е заедничка одговорност.
„Ако нешто ме вади од такт во перцепирањето на водењето на политиката и политичките приоритети во Македонија е некој од надвор да ни го бере гајлето повеќе од нас самите! Нема олеснувачи и посредници помеѓу СДСМ и ДПМНЕ.Сите ние, како македонски политичари, како претставници на народот, на партиите, не смееме да дозволиме од надвор некој да дојде и да не седнува на маса за доброто на нашата земја, на нашиот народ. Наша е одговорноста, треба да ја земеме во свои раце и така да се однесуваме“ посочи Зечевиќ.