Соопштение за јавност
Пратеникот на СДСМ Мартин Костовски во денешното обраќање во Собранието на Комисијата за уставни прашања посочи дека измените на уставот е историска одлука со која се унапредува Уставот и не се загрозува ниту едно идентитетско прашање, а истовремено овие измени се забрзува процесот за членство во ЕУ.
Костовски истакна дека СДСМ и парламентарното мнозинство не се плашат од предизвиците што носат придобивки за граѓаните.
„СДСМ е политичка партија која не прави компромис со стратешките интереси на државата. Одлуката која е пред нас е тешка, но државничка одлука, која носи прогрес и просперитет. Како владејачко мнозинство не се плашиме од предизвиците кои носат бенефит за граѓаните, тоа многу пати досега на дело го имаме покажано,така ќе биде и сега“ истакна Костовски.
Костовски се осврна и на лицемерието на пратениците од ДПМНЕ.
„Лесно е да велиш дека не го поддржуваш Договорот од Преспа, а да гласаш Северна Македонија да биде членка на НАТО. Лесно е да бојкотираш референдум и да глумиш патриот, а со самото гласање Северна Македонија да биде членка на НАТО директно го прифаќаш референдумското прашање.
Лесно е со шпекулации да будиш чувства кои задираат до секој Македонец за македонскиот јазик, а да не дојдеш да гласаш ниту за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ. Лесно е со лаги да зборуваш за наводна бугаризација и асимилација а да не дојдеш да гласаш за заклучоците за преговарачката рамка, каде е заштитен целосно македонскиот јазик и македонската посебност во ЕУ или пак да не гласаш за законот за унапредување на македонскиот јазик.
Со прст да не мрднеш, а не пак да лобираш или да го поздравиш тоа што Германскиот Бундестаг донесе Резолуција за македонскиот јазик, идентитет и култура и дополнително тоа да го маргинализираш како небитно исто така е лесно. Лесно е, ама не е фер. Не е фер за македонските граѓани. Не е фер да им ја крадеш иднината на македонските граѓани за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт“ посочи Костовски.
На крајот, пратеникот Костовски повика на обединување околу стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.
„Ајде да се обединиме околу иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание. Секој кој и мисли добро на државата, кој му мисли добро на сопствениот народ, ќе даде поддршка на уставните измени и со тоа ќе ја обезбеди европската иднина. Конечно, секој од нас треба да презеде одговорност и по реализацијата на членството во НАТО, да ја оствариме уште една стратешка цел поставена уште од Денот на независноста – полноправно членство во ЕУ“ повика Костовски.