Соопштение за јавност
Верувам во пратениците кои ќе се одважат и ќе ја покажат својата подготвеност и одлучност за иднината на нашите деца и очекувам уставните измени да бидат усвоени, порача претседателката на Надзорниот одбор на СДСМ, Викторија Аврамовска Мадиќ во интервју за неделникот „Фокус“.
„Уставните измени се единствениот пат до Европската Унија. Свесни сме дека ова подразбира ниво на сеопшта државна одговорност, дека ги обврзува сите 120 пратеници без никаква разлика и исклучок и без разлика на статусот на власта и опозицијата. Ова е шанса нашата држава да продолжи напред кон иднината. Пред пратениците е историска одлука. Се зависи од сите нас“ порача Аврамовска – Мадиќ.
Таа повика на учество и на поддршка од страна на опозицијата, особено политичката партија ДПМНЕ која треба да ја искористи шансата и на дело да покаже дека е навистина за интеграција во ЕУ.
„Сега е потребно обединување околу уставните измени во кој сите заеднички ќе се обврземе за пристапување во Унијата. Мора да се искористи оваа шанса. Можноста што се дава на опозицијата да се приклучи кон европскиот фронт е шанса што треба да ја искористат и да го дадат својот глас, што поскоро. Ќе се гласа за предлог со заштитен идентитет, традиција, јазик и општествени вредности на граѓаните. Преговорите мора да продолжат по завршувањето на скринингот, но тоа нема да се случи без промена на уставот. Изборот е многу јасен, или ќе ги изгласаме уставните измени или Република Северна Македонија ќе скршне од вистинскиот пат“ заклучи Аврамовска – Мадиќ.