fbpx

Ајде и нашата генерација да ја пишува во книгите дека се одважила и донела вистинска одлука, масовно, За европска Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на завршниот митинг на коалицијата “За европска Македонија” во Прилеп, ги повика граѓаните на одлука и акција за иднината на државата. Еве дел од неговото обраќање во Прилеп.

-Ајде и оваа генерација наши Македонци и граѓани на Македонија да ја пишува во книгите како се одважила. И за нас да зборуваат деца и внуци како сме донеле вистинска одлука. Секогаш Македонија знаела да носи вистински одлуки и така се движела напред. Овој пат мораме да ја осигураме, да ја обезбедиме независноста на нашата земја и конечно да бидеме со сите во светот и никогаш повеќе сами во светот.

Јас ве уверувам дека подобар договор не можело ниту може да се направи. Ако можело, последните 11 години ќе бил направен. Добивме земја признаена од сите, од целиот свет, во којашто живее македонски народ признаен од целиот свет, којшто зборува македонски јазик, признаен од целиот свет. Ги остваривме вековните аспирации на нашите татковци и дедовци.

И овде, од херојски Прилеп, редот е да се обратам до опозицијата, пријателе Мицковски, почитувани сограѓани, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, се работи за нашата заедничка Македонија. Знаете и вие дека подобар договор не може да се постигне ниту можело да се постигне. Знаете и вие дека сите заедно сме за ЕУ и НАТО. Но знаете, почитувани мои сограѓани, дека се работи и за иднината на вашите деца, и за моите деца и за нашите деца. Се работи за нашите наредни генерации.

Да не ја пропуштаме оваа шанса. Оваа шанса нема да се повтори. Знаете дека ќе успее реферемдумот, но ќе биде величествен ако сме заедно сите. Јас знам дека успехот ќе биде над 50 проценти. Но сакам и апелирам, оти така ни личи, да има консензус во Македонија, како што имаше 1991 година.

Ќе се обратам и од овде на младите луѓе. Почитувани млади луѓе, иднината останува на вас. Оваа одлука е најмногу за вас, младите. Немојте да дозволите да ја пропуштите шансата.

Се обраќам и до родителите и до бабите и дедовците. Немојте да дозволите, од кои било причини, да им ја уништите шансата на младите луѓе. Должност е на повозрасните да ги поддржат младите.

Се обраќам до сите деловни луѓе во Македонија, без разлика дали имате производство или сте газди на дуќанче или бутик. Знаете дека со Европа и со НАТО имаме нови пазари, но има и зголемена потрошувачка моќ кај нашиот народ. Ќе има бериќет, ќе има перспектива, ќе има промет, ќе има пласман, ќе има нови пазари.

Се обраќам кон земјоделците и тутунарите во Прилеп, и градинарите и сите земјоделци во Македонија. Фондовите на ЕУ ќе бидат дуплирани, триплирани за ваша поддршка за квалитетно производство. Отвораме нови пазари за земјоделските производи.

Се обраќам до работниците. Знаете дека со Европа има и повисоки работнички права, има и повисоки плати. Немојте да ја пропуштите оваа шанса.

Се обраќам и до пензионерите. Почитувани наши родители, знаете дека ако има нови работни места за младите, ако растат платите во државата, ќе растат и придонесите во пензискиот Фонд, ќе растат и пензиите за пензионерите.

Се обраќам до сите граѓани на Република Македонија, ова е наша должност, ова е наша одговорност, ова е наш патриотски чин. Патриотски чин е да се излезе и да се гласа. Историјата ги брои тие што преземаат акција, тие што гласаат. Тие што седат дома, не ги брои и испишува.

Затоа мој народе, време е за акција, време е за одлука. Време е За европска Македонија!, рече меѓу другото претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на завршниот митинг во Прилеп.

Последни вести