Соопштение за јавност
На 30 септември немаме оправдување да одмолчиме, затоа што шансата е тешко спечалена и затоа што од нас зависи како ќе живеат нашите деца и внуци – порача вечерва министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Кисела Вода.
Државата е моќна колку што има пријатели, рече Шекеринска, и Македонија беше деновиве домаќин на многу моќни пријатели. Премиерот е на средба со потпретседателот на САД, во Македонија дојдоа секретарот за одбрана на САД Матис, канцеларката Меркел, министерката за одбрана на Германија, и многу други пријатели, да ни кажат дека вратите се отворени. Но нивно е да кажат а наше е да ја искористиме шансата што ја заслуживме – тоа е наша работа- рече министерката.
Шекеринска зборуваше за европските средства за градовите и општините кои се членството во ЕУ се зголемуваат повеќекратно, за солидарноста и помошта меѓу земјите членки на ЕУ и НАТО кога една од нив е во неволја, за можностите за економски развој и разликата во економската моќ, вработувањата, стандардот, која е видлива во секоја земја членка во споредба со периодот пред зачленувањето.
– Прво правило во фудбалот е да ги решаваш проблемите. Второ – храброста, да му пркосиш на противникот. Третото- немој да ја промашиш шансата! Овие три правила важат сега за Македонија. Покажавме храброст, ги решивме проблемите и сега шансата е пред нас, не смееме да ја пропуштиме – рече Шекеринска.
Таa ги повика граѓаните да бидат вистински патриоти и бранители на својот идентитет, јазик и култура бидејќи договорот го гарантира тоа.
– 27 години се бориме, 10 години седевме изолирани и видовме колкава цена плаќа државата сама и изолирана, скарана со сите. Ако ја пропуштиме оваа шанса може ќе има нови Договори но во нив нема да стои македонски јазик, македонска култура и македонски идентитет – рече Шекеринска.
Секој глас е важен. Ако некој мисли дека неговиот глас не прави разлика се лаже. Немаме право на грешка. Сите заедно да излеземе на референдумот ЗА европска Македонија – порача министерката.