Соопштение за јавност
Со влезот во НАТО и Европската унија, нашето вино добива европска етика, субвенциите кои сега ги исплаќаме за лозарите и коишто се повисоки ќе доаѓаат директно од буџетот на ЕУ, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на вчерашната трибина во селото Марена, општина Кавадарци.
На трибината, Николовски потенцираше, дека лозарството е стратешка извозна гранка и затоа секоја мерка што ја носи Владата е во насока на развој на овој сектор.
„Донесовме нова мерка, 1 денар субвенција за килограм предадено грозје. Комплетно ги исплативме субвенциите, одржување на лозови насади,се исплатија 745 милиони денари, годинава ги зголемивме овие субвенции за 20 отсто. Ниту една винарија веќе нема долг кон лозарите. Во 2017 година се постигна највисока откупна цена за грозјето од 13,67 денари за килограм, што е највисоката цена во последните шест години. Ги поддржавме винарите, со тоа што ја дуплиравме поддршката за настап на меѓународни саеми“, изјави министерот Николовски.
При тоа, Николовски потенцираше дека со влезот во НАТО и ЕУ, ќе се зголеми финансиската поддршка од европските фондови, откупните цени и ќе се обезбеди сигурен пласман за македонските земјоделски производи, вклучително и за македонското вино.
„ Само на тој начин може да ги решиме проблемите, само така може да направиме квантен скок и да не зборуваме за раст од 3 отсто и да не зборуваме за 1 или 2 денари субвенции, да зборуваме за повисоки откупни цени, за сигурен пласман, отворање на пазар од 500 милиони потрошувачи , за инвестиции во земјоделството. Многу повеќе можеме заеднички да направиме со меѓународни партнери со НАТО и ЕУ, заеднички со сите овие структурни фондови и 100-тици милиони евра кои на Македонија ќе и стојат на располагање. Затоа 30- ти септември е историска шанса за сите нас, за сите идни генерации, мора да ја искористиме за Македонија да оди напред со крупни чекори кон НАТО и ЕУ“, изјави Николовски.
Николовски од трибината порача дека не само земјоделството, со членството во НАТО и ЕУ, ќе се зголемат европските фондови и за општините во земјава, со кои ќе инвестираат во рурален развој и подобри услови за граѓаните, земјоделците. Кавадарци досега има искористено околу 4 милиони евра средства од Европските фондови. Со приближување до ЕУ и НАТО поддршката ќе расте.