Соопштение за јавност
Изборите секогаш треба да се сериозни и со сериозен пристап, а она што ќе го понудите треба да го реализирате. Граѓаните ќе мора да одберат меѓу двата концепти, овој кој го предводи Коалицијата за Европска иднина со јасна цел за граѓаните, наспроти се она што се случува во опозицијата како немање ниту став, ниту перспективи, и само желба да ја заробат земјата во некое друго време, како што беше до 2017 година, рече Оливер Спасовски, носител на втората изборна единица на СДСМ, во Дневникот на Сител.
Спасовски се осврна на новата програма, велејќи дека минималната плата од 600 евра и просечната од 1100 евра ќе бидат реализирани, и дека тоа е остварливо.
„ Никој нема поголем кредибилитет од СДСМ да зборува на оваа тема. Кога кажавме дека плата ќе расте, не убедуваа големите експерти од ДПМНЕ, дека тоа ќе биде причина да пропаѓаат фирми и ќе има незадоволни работници. Но, напротив, место 8,600, сега имаме минимална плата од 22 илјади денари. Место просечна од 20 илјади, денес имаме просечна плата поголема од 36 илјади денари. И додека ДПМНЕ, им фрлаше трошки на пензионерите, со по 500 денари, и тоа 4 пати, сега има систем на усогласување на пензиите два пати годишно, за зголемување на просечната и минималната пензија, рече Спасовски.
Тој потенцираше дека СДСМ е промотор на идејата едно општество за сите, и промотор на идејата за учество на малите етнички заедници во парламентот. Да не беше СДСМ во сите овие 30 години, ќе немаше ниту еден претставник на етничките заедници во моментов, додаде Спасовски.
Тој се осврна и на борбата против корупцијата , за која рече дека е клучен приоритет за државата.
-Па ние до одреден период немавме борба против корупција, туку силно криминализирана власт, и воспоставен судиски систем кој ја поддржуваше и од сето тоа се спроведоа низа постапки за кои се виде дека носевме одговорност. Покажавме дека нема селективност, дека сме транспарентни. Дали треба да се направат реформи во иднина во правосудниот систем, секако дека треба и тоа е дел од програмата на СДСМ и секако тоа ќе овозможи ефикасност во постапките, рече Спасовски.