Соопштение за јавност
„Дента кога станав Претседател на Влада, Скопје немаше парно греење. И работевме да добие. И доби. Можеше да има ценовен шок на цената на електрична енергија, но тоа не дозволивме да се случи. 90% беше субвенционирана цената на електрична енергија. Се зголеми производството на електрична енергија“, рече Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот „Дуел за Македонија“ на Канал 5 телевизија.
Претседателот Ковачевски се осврна и на зголемувањето на платите и пензиите кои достигнаа историски највисоко ниво во време на владеењето на СДСМ.
„Кај платите минималната плата е неколкукратно зголемена во мојот мандат во однос на 2016 година. Мене не ми требаат табели, во тоа време требало четири минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка. Денес, првпат една просечна и една минимална плата покриваат потрошувачка кошничка. Зошто? Бидејќи ние имаме највисоко историско ниво на просечна плата од 40.000 денари“, рече Ковачевски.
„Еве и со бурек економија да се пресмета. Во 2016 година со минимална плата можеле да се купат 220 четвртини бурек, сега со минимална плата можат да се купат 320 четвртини бурек. Така што, кога зборуваме за економските бројки и за задолжувањето, ние во мандатот во најголема криза вративме 1,3 милијарда евра еврообврзници земени во 14-та, 15-та и 16-та. Знаете за што беа искористени тие? За Скопје 2014! Знаете каков економски раст предизвика? Никаков. Зошто? Затоа што беше стиропор, споменици, жални врби, ништо друго“, истакна Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот „Дуел за Македонија“ на Канал 5 телевизија.