Соопштение за јавност
За Социјалдемократскиот сојуз на Македонија слободата на говор, независноста и слободата на медиумите се врвни демократски вредности и целосно е посветена на обезбедување, почитување и заштитита на слободата на медиумите и нивната независност.
Нема мешање во работата на медиумите и нула толеранција за уцени, закани, притисоци и обиди за корупција, тоа се императиви на СДСМ од кои нема остапки.
Имајќи го предвид отворениот и транспарентен начин на комуникација, претставници од СДСМ остварија средби со Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат и Советот за етика во медиумите, токму за нивните забелешки за одредени одредби во Изборниот законик.
При тоа беше укажано дека финансирањето на платеното политичко рекламирање на политичките партии со новите измени ќе биде повидливо, потранспаретно и без влијание на партиите врз медиумите.
Прво, затоа што средствата нема да се префрлаат на сметките на партиите туку директно на сметките на медиумите.
Второ, затоа што двојно е намалено времето дозволено за платено политичко рекламирање.
Досега, финансирањето на платеното политичко рекламирање исто така се базираше на буџетски пари затоа што партиите добиваа средства во зависност од процентот на освоени гласови.
Во делот на рекламирањето на интернет порталите, се согласивме да разговараме за укажувањата на претставнивиците на медиумските здруженија за тоа дали ДИК треба да врши контролата врз оние портали коишто сакаат да добиваат буџетски пари.
Имајќи предвид дека ширењето на дезинформации и лажни вести е во експанзија, потребно е порталите коишто сакаат да добијат буџетски средства во изборни кампањи да декларираат сопствеништво, соодветен ценовник и критериуми за спроведување на кампања.
Кога станува збор за ваква суптилна тематика потребна е коректност во презентирањето на деталите од разговорите, фактите и аргументите, како од претставниците на СДСМ така и од претставниците на медиумите.
Скопје, 14.08.2018
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА