Соопштение за јавност
Заради остварување на криминални интереси на поединци, ВМРО-ДПМНЕ 11 години го погазуваше статусот на лекарите, ги кршеше правата на пациентите и целосно го урниса здравствениот систем.
За разлика од таквите погубни политики на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ го опоравува урнисаното здравство, обезбедува повисоки плати за лекарите и го унапредува здравствениот систем. Од втората половина на 2018 започнува зголемување од 5 отсто на платите на медицинскиот персонал, а следува и значително зголемување на дневниците за дежурства кои ќе изнесуваат од 2.500 до 3.000 денари за обичен ден, односно 4.000 денари за викенд дежурства. Обезбедени се и средства за плати на приватните специјализанти, на кои ќе им биде платена работата, а тие понатаму ќе продолжат приватно да специјализираат. Истовремено, сериозно се инвестира и во медицинска опрема за здравствените установи низ државата.
Владата предводена од СДСМ прдоложува со спроведување на мерките што обезбедуваат повисоки плати и достоинствени услови за работа на медицинскиот персонал. Унапредувањето на статусот на лекарите, градењето на квалитетен и ефикасен здравствен систем и грижата за правата на пациентите остануваат врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, а доказ за тоа е и фактот што во Буџетот за 2018 година, за здравствена заштита предвидени се 1,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2017 година.
Скопје, 07.03.2018
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА