Соопштение за јавност
СДСМ бара покачување на минимална плата на работниците на 27.700 денари и поднесе предлог Закон за изменување на минимална плата, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница.
– Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните не се подобрува, напротив, се повеќе граѓаните паѓаат во сиромаштија, а и податоците од минималната синдикална кошничка покажуваат дека мерките кој ги презема владата не даваат никакви резултати. Во исто време цените, место да се намалат, тие се зголемуваат. На едно четиричлено семејство, според податоците, му требаат 62.021 денари за да може да го помине месецот, а со минималната плата од 22.500, семејствата навистина се борат со сиромаштијата, рече Тренчевска.
Таа појасни дека во земјите во регионот, владите ја покачија минималната плата на 600, 700 или 800 евра, а ние остануваме единствена земја, каде минималната плата е 22.500 денари.
– СДСМ како партија има легитимно право да поднесе ваков предлог закон затоа што во изминатиов период од 7 години владеење, навистина покажавме како треба да се креираат политиките во однос на животниот стандард на граѓаните и во однос на покачување на платите, рече Тренчевска.
Со овој предлог закон СДСМ бара минималната плата да биде зголемена на 27.700 денари со исплата на ноемвриската плата, во месец декември 2024 година, за да можеме согласно методологијата во март 2025 година, да зборуваме за минимална плата од 30 илјади денари.