Соопштение за јавност
Почитувани,
Пред почетокот на општинската дебата со граѓаните на Прилеп, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Илија Јовановски дадоа заедничка изјава за медиумите.
Претседателот Заев порача дека, кампањата на СДСМ и коалицијата добива нов модерен стил и формат, на воведување на општински дебати.
„Овде сме во центарот на Прилеп заедно со нашиот кандидат докторот Илија, со кој имаме намера да подискутираме заедно со граѓаните, да дебатираме за важни случувања и да најавиме идна пракса на новиот градоначалник во комуникацијата со граѓаните за прашања што ги тиштат нив и што се важни за нивниот секојдневен живот. Ќе се обратиме овде во една тркалезна околина каде што сите граѓани ќе бидат околу нас. Ќе ги кажеме нашите ставови и нашите впечатоци и после ќе отвориме дебата пред граѓаните да можеме директно да разговараме за сето она што претставува очекување на граѓаните, а секако и перспективи на Прилеп!“ изјави претседателот Заев.
Претседателот Заев соопшти дека кампањата се одвива во пријателска атмосфера, дека постои голем интерес кај граѓаните за локалните избори од причини што општините се многу важен дел од секојдневието на сите семејствата и граѓаните и рече дека централната власт има намера да продолжи со процесот на децентрализација за општините да добијат поголеми надлежности.
„Размислуваме за здравствените домови да ги децентрализираме, размислуваме и за центрите за социјална работа, и за капиталните проекти од социјалната заштита, за капиталните инвестиции во образованието, така да вниманието кон локалната самоуправа треба да биде се поголемо и поголемо. Се надевам дека граѓаните мудро ќе носат одлуки и конечно Прилеп заслужува промени после толку години заради тоа што само на тој начин ќе ги отвориме важните перспективи за овој важен регион во Република Македонија“ порача претседателот Заев.
Кандидатот за градоначалник на Прилеп, Илија Јовановски рече дека заедно со претседателот на СДСМ и премиер на Република Македонија, Зоран Заев денеска ќе разговараат со граѓаните за иднината на Прилеп, за иднината на младите и на сите граѓани.
„ Мора да ја заокружиме победата од 11 декември, за на 15 октомври сите заедно да ја освоиме и локалната самоуправа за да спроведеме многу проекти, најповеќе за младите. Овде гледам многу млади луѓе, вие сте иднината на нашата држава, вие сте иднината на нашиот град. Ќе направиме многу нешта за младите во нашиот град, младински културен центар, младинско спортски рекреативен центар, младински бизнис инкубатор, згора на тоа младите ќе бидат тие што најмногу ќе учествуваат во носењето на одлуките, креирањето на буџетот, трошењето на парите. Парите ќе се трошат транспарентно, вие сите ќе бидете присутни и ќе бидете информирани.“ изјави кандидатот за градоначалник на Прилеп, Илија Јовановски.
Скопје, 30.09.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА