fbpx

Филипче: Режимот на ВМРО-ДПМНЕ се враќа – судството, безбедноста, институциите под партиска контрола

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавнист

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „360 степени“ ја критикуваше растечката партизација која, според него, ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ преку своето влијание во институциите. Тој предупреди дека се случува процес кој е поопасен и побрутален од времето на режимот на Никола Груевски, со што се загрозува демократскиот поредок на земјата.

Тој посочи дека промените во законите се искористуваат за партиски цели, при што се спојуваат комисии и се менува нивниот состав за да се обезбеди целосна контрола од страна на власта.

„Се менуваат закони за да се спојат комисии. Второстепените комисии се сега споени – тоа е комисија којашто ја бира Собранието и чиишто членовите порано имаа мандат, а ВМРО-ДПМНЕ не знаеше како освен да смени закон и тие да се укинат и да се формира ново тело“, додаде тој.

Филипче го истакна и примерот со АНБ, каде, како што рече, именувањето на новиот директор Бојан Христовски е контроверзно и можеби дури и незаконско.

„Брутална партизација се случува во структурите на безбедноста. Се бркаат луѓе од работа, се поставуваат партиски луѓе на клучни институции. Во АНБ видете што се случува – излезе некоја информација дека дури и факултетската диплома на новоназначениот директор Христовски не е соодветна, значи можно е тој да не ги исполнува условите да биде на таа позиција“, истакна претседателот на СДСМ.

Дополнително, тој го критикуваше и составот на граѓанската комисија за надзор на следењето на комуникациите, опишувајќи ја како уште еден пример на партиска контрола.

„Невладината, граѓанска комисија за граѓански надзор на следење на комуникациите во Собранието сега како предлог ја сочинуваат луѓе со партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ. Замислете до кој степен оди таа партизација“, предупреди Филипче.

На крајот, тој го упати својот критички осврт кон премиерот и неговото однесување, кое го оцени како несоодветно и заканувачко.
„Гледајте каков е ставот на премиерот кон судството. Единствен премиер во демократска држава којшто се заканува и мавта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски. Тоа го нема во ниту една развиена земја“, рече Филипче.

СДСМ апелира дека оваа ситуација е сериозен удар врз демократијата во Македонија и предупредува на ризикот од враќање кон режимски практики. На прашањето како го коментира фактот што лидерката на ЛДП, Моника Зајкова рекла дека ќе ги поддржи новите членови на АВМУ, Филипче ги повика сите прогресивни сили, вклучувајќи ја и пратеничката Зајкова, да не поддржуваат вакви процеси кои ја уништуваат независноста на институциите.

„Како Моника Зајкова може да поддржи ваква една брутална партизација? Во којашто членовите на АВМУ ќе бидат блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Тоа нема никаква логика, освен ако не станува збор за некој личен или тесно партиски интерес“, заклучи претседателот на СДСМ.

Последни вести