Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја враќа државата назад кон режимски практики, споредувајќи го неговото однесување со она на Никола Груевски, но истакнувајќи дека сегашната партизација е уште побрутална и поопасна.
„Мислам дека станува збор за еден многу сериозен процес на воведување на режим, дури и побрутален од тој што го правеше Никола Груевски. Гледајте каков е ставот на премиерот, каков е неговиот став кон судството. Единствен премиер во демократска држава којшто се заканува и мавта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски. Тоа го нема во ниту една развиена земја“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја користи својата политичка моќ за целосна партизација на институциите, вклучувајќи ги безбедносните структури, судството и независните тела како Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Филипче ја критикуваше состојбата во безбедносните служби, нагласувајќи дека назначувањето на новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, е контроверзно и можеби дури и нелегално.
„Во АНБ видете каква брутална партизација се случува. Излезе информација дека дури и факултетската диплома на новоназначениот директор Христовски не е соодветна. Значи, можно е тој да не ги исполнува условите да биде на таа позиција“, додаде Филипче.
Ситуацијата, според него, оди уште подалеку, со партиски контролирани предлози за независни тела.
„Невладината, граѓанска комисија за граѓански надзор на следење на комуникациите во Собранието сега како предлог ја сочинуваат луѓе со партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ. Замислете до кој степен оди таа партизација“, рече тој.