Соопштение – реакција на СДСМ на трибината на ДПМНЕ
„Правдата избега“. По бегството или пуштањето на Артан Груби ова е најсоодветен термин за трибина на ДПМНЕ, кој ја отсликува реалноста.
Наместо да се соочи со правдата, Груби бил пропуштен да избега. Токму полицајци поставени од Тошковски решиле да го пуштат Груби непречено да ја напушти државата.
Прашањето е зошто ДПМНЕ го пушти Груби, дали е тоа дел од договорот со ДУИ?
Јалови се обидите на ДПМНЕ да се оправда за тоа што дозволи правдата да избега. Очигледно е дека бегството на Груби е реализирано по истото сценарио како и она од летото на Блерим Рамадани. Границата со Косово, под директна надлежност на МВР и министерот Тошковски, останува неконтролирана.
ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се директно одговорни за бегството на Груби. Тој мора да биде итно спроведен пред лицето на правдата а Тошковски да се соочи со одговорноста.