Соопштение за јавност
Делегација на СДСМ оддаде почит за ликот и делото на Киро Глигоров првиот претседател на независна Македонија
Делегација на СДСМ, претставена од потпретседателката Каја Шукова, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и пратеникот Митко Трајчулески, денеска положи свежо цвеќе и оддаде почит на вечното почивалиште на Киро Глигоров, првиот претседател на независна и суверена Македонија.
Денеска се сеќаваме на еден од најголемите државници во нашата историја, човекот кој со својата мудрост и визионерство постави темели на модерната македонска држава. Неговите вредности, историските одлуки и државничкиот пристап оставија трајни белези во нашето општество и се патоказ за нашата борба за напредок и просперитет.
Киро Глигоров е симбол на дијалог, помирување и обединување. Во најтешките моменти за нашата држава, тој покажа лидерство и визија кои овозможија стабилност и напредок. Неговата верба во заедништвото, демократските вредности и европските перспективи остануваат наша инспирација за иднината.
СДСМ ги следи патеките на визијата на Глигоров за напредна и демократска Македонија.
Вечна слава на претседателот Глигоров – Таткото на нацијата и вечна инспирација за сите нас.