Соопштение за јавност
Николова до Јаневска: Има лавина реакции за лошата концепција-ќе преземете ли одговорност за уништување на критичната мисла?
Пратеничката на СДСМ Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати три прашања до министерката за образование, Весна Јаневска, а се однесуваа на лавината реакции на стручната фела за предложената Концепција со која предметите како филозофија и социологија стануваат изборни предмети, а етика, логика и педагогија целосно ќе се укинат.
Во тој контекст, Николова се осврна на реакциите на професорите, повика на личната, морална, но и политичка одговорност на министерката Јаневска, за уништувањето на критичката мисла кај младите, како и дека со укинување на овие предмети, многу професори ќе останат без работа.
Во продолжение интегрален текст на прашањето:
Неодамна ја објавивте нацрт-концепција за реформи во гимназиското образование и навидум ги повикавте сите заинтересирани страни да учествуваат во јавната дискусија. Несомнено е дека реформи во гимназиското образование се потребни. Тоа никој нема право да го спори. Но, прашање е како тие реформи се подготвуваат и како ќе се реализираат. Сериозни реформи бараат исклучително сериозен пристап особено кога е во прашање образованието. Кога креирате образовен систем всушност ја креирате иднината и на секој поединец, но и на државата.
Во оваа предложена Концепција предметите како филозофија и социологија стануваат изборни предмети, а етика, логика и педагогија целосно ги укинувате. Ве прашувам, за која Јавна дискусија зборувате? Зарем јавна дебата сметате дека е само поставување на Концепцијата на веб-страницата на БРО? Како помисливте дека ќе правите сериозни реформи без јавна дебата? Токму поради тоа имате сега безброј реакции. Професорите по филозофија од гимназиите, Институтот по филозофија при Филозофскиот факултет, а на нив се приклучија со реакција и Институтот за социологија и родови студии. Професорите по ликовна уметност и музичко воспитание, понатаму Филозофското друштво на Македонија, здружението на социолози на Македонија, средношколскиот сојуз, се само некои од оние кои ја критикуваат вашата концепција. Тие истакнуваат дека вакви реформи треба да бидат резултат на широка јавна дебата и консултации со сите засегнати страни. Како ќе одговорите на овие критики и дали ќе се разгледаат нивните предлози?
Сметате ли дека е дозволиво засегнатите страни во овој процес да комуницираат со вас и да го искажуваат своето мислење преку јавни реакции?
Ве прашувам министерке, дали ќе ја преземете личната, морална, но и политичка одговорност за уништувањето на критичката мисла кај младите?
Ќе ја понесете ли одговорноста и за сите наставници кои ќе останат без работа. Недостатокот на критичка мисла кај младите луѓе може да има далекусежни последици, не само за нивниот личен развој, туку и за општеството во целина, за мене „Образованието без критичка мисла е како тело без душа“. Кога образованието не ги поттикнува младите да размислуваат критички, се создава генерација која не може да поставува прашања и да препознава неаргументирани ставови, а со тоа не може да ја разграничи вистината од заблудите кои се наметнуваат во општеството. Предметите од општествено-хуманистичкиот корпус се тие кои ја поттикнуваат свест и способност да се разграничува знаењето од обичните претпоставки, фактите од впечатоците.
Наставниците од гимназиите во отвореното писмо ве прашуваат: Во отвореното писмо на професорите по филозофија се упатени клучни прашања:.
Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката? Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката? Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста.
Оттука ве запрашува како министерка за образование и наука, можете ли да предвидите што ќе се случи со напредокот во науката и општествениот развој ако се укине критичкото размислување во образованието? Дали сакате да ја укинете главната цел на образованието, а тоа е дека „Образованието треба да ги поттикне младите да мислат, да создаваат, да истражуваат – а не само да прифаќаат готови и наметнати идеи“?
На крајот, ве молам да ги именувате поединците кои биле креатори на оваа поразителна концепција. Веќе и Вие длабоко во себе знаете дека предложената концепција го уништува критичкото размислување и слободата. Како што вели Гете „Критичкото размислување е основа на слободата“. Затоа ве прашувам и ве молам да ми дадете одговор, кои конкретно поединци сте ги ангажирале за да ви наметнат идеја за уништување на критичкото размислување на младите и укинувањето на слободата? Јавноста, има право тоа да го знае!