fbpx

Тренчевска до Мицкоски: Граѓаните се решија на бојкот, ќе признаете ли дека згрешивте со погрешните политики?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Тренчевска до Мицкоски: Граѓаните се решија на бојкот, ќе признаете ли дека згрешивте со погрешните политики?

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, во врска со најавениот бојкот на маркетите, поради дивеењето на цените упати пратеничко прашање до Христијан Мицокоски.

Тренчевска го запраша Мицокоски дали ќе им се извини на граѓаните за погрешните економски политики кои доживеаја дебакл, и кои овозможија да се богатат трговците, за сметка на осиромашување на граѓаните.

Во продолжение интегрален текст на прашањето:

„Премиере, утре е најавен бојкот на маркети, граѓаните се самоорганизираа затоа што владата не ги заштити.

Вашите погрешни економски политики со „кошнишки“ и договарања на цени со големите трговци, седнати заедно, доживеаја тотален дебакл.

На 5 декември во Владата на прес конференција ја промовиравте „кошничката“ и рековте дека над 600 производи ќе поевтинат.

Па потоа теравте ефтини ПР кампањи и убедувавте дека кошничките имаат ефект, дека цените се намалени.

Ние од опозицијата, конкретно СДСМ и коалицијата ви предлагавме мерки, конкретни, за намалување на ДДВ на храната на 0%, за зголемување на минималната плата, на платите по сектори, поднесувавме и предлог законски решенија.

Се, буквално се одбивте со крајна ароганција и самобендисаност.

Вашите политики се покажа целосно промашени. Наместо да се намалат цените се зголемија, затоа што вие како влада им оставивте време и простор на големите трговци да ги покачат цените на производите пред да стапи мерката во сила.

Зејтинот, јајцата, шеќерот, месото, млечните производи, грашокот, гравот и леќата и многу други производи, се поскапени, се е поскапено, а тоа граѓаните го чувствуваат секој ден и го гледаат во продавниците и маркетите.

И официјалните податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека кошничките се промашување. Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, а цените на основните производи пораснале за 4,3%. Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока.

Големите трговци се збогатија, а десетици милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на оваа влада.

Ги оставивте граѓаните сами на себе да се снаоѓаат како да го преживеат месецот, буквално на милост и немилост на трговците…

Тоа е слугување на бизнисот и неспособност, две во едно.

И утрешниот најавен бојкот на маркетите е обид на граѓаните сами да го решат проблемот, во услови кога од тој што треба – власта, не добија никаква заштита.

Овој бојкот не е само бојкот против маркетите! Ова е бунт против нечесната власт која со својата неспособност и алчност дозволи народот да биде ограбен!

Вие премиере Мицкоски и вашата партија, не само што не успеавте да го заштитите и подобрите стандардот на граѓаните, туку сте и директно одговорен заедно со Владата, за манипулациите, што ги прават големите трговски ланци.

И сега повторно покажувате лицемерие.

Се правите дека сте изненадени од потегот на големите трговци, ја префрлате вината и одговорноста кај нив, велите го поддржувате бојкотот на граѓаните кон маркетите.

Па вие сега сами против себе застанавте? Па поради вас и вашите мерки е овој бојкот, истите тие мерките за кои велевте дека дале ефект.

Не знаевте како треба да се го срочите законското решение, за предложениот Закон за инспекциски надзор, па денес пазарниот инспекторат оди и дава опомени,.

Владата треба да преземе мерки и политики за да ги заштити граѓаните и да не дојде до бојкот а не да кажува што поддржува.

Вие премиере со последните ваши изјави го признавате неуспехот и поразот на вашите погрешни политики.

Моето прашање до вас премиере е дали сега ќе излезете, ќе се извините на граѓаните и ќе признаете дека донесовте погрешни економски политики кои доживеаја дебакл, дека дозволивте да се богатат трговците, за сметка на осиромашување на граѓаните?”

Последни вести