fbpx

Николова: Со лошата концепција, Македонија ќе биде единствена земја во регионот каде филозофијата ќе ја нема како задолжителен предмет

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Николова: Со лошата концепција, Македонија ќе биде единствена земја во регионот каде филозофијата ќе ја нема како задолжителен предмет

Реформите во гимназиското образование се потребни, но предложената Концепција со која предметите како филозофија и социологија стануваат изборни предмети, а етика, логика и педагогија целосно ќе се укинат, со што се уништува критичката мисла, предизвика лавина реакции не само од стручната фела, туку воопшто во јавноста, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на гостувањето во Тема на денот на Сител телевизија.

Таа укажа дека оваа Концепција, прави проблем заради начинот на којшто таа се носи, односно сето тоа се работи во затворен круг, каде протокот на информации е многу мал, а министерката за образование не сака да каже кој е авторот на оваа Концепција.

– Ние ќе бидеме единствената земја во регионот што филозофијата ќе ја нема како задолжителен предмет во гимназиското образование. Нелогично е како во време кога имам пораст на булингот и се повеќе зборуваме за тоа дека мора да се справиме со него, министерката место да одлучи етиката од групата во изборни предмети да ја префрли во задолжителни, таа решава, да ја укине. Или денес, кога имате брз проток на информации и тоа создава можност за манипулација, а често се покажува дека тие информации се неточни, таа ја укинува логиката која се занимава со законите на мислењето и им овозможува на младите да прават разлика меѓу вистина и лага. Потребна е дебата на која ќе седнат на маса сите засегнати страни. Не смеат да бидат тоа изолирани состаноци. Иако министерката вети ќе има јавна дебата, до сега такво нешто не се случи, рече Николова.

Таа потенцираше дека на оваа Концепција предложена од министерката за образование, реагираше и стручната фела која мораше да ги користи медиумите како единствен начин да искомуницира со релевантниот фактор, односно со министерството за образование и пред сè со министерката, за да може да го искаже своето мислење и незадоволство.

– Ако ја разгледате самата наставна програма, најмногу оваа програма е на штета на општествено-хуманистичките предмети, а овие предмети се исклучително важни за развојот во образовниот процес, особено што ја негуваат критичката мисла. И еве, веќе има реакција од и од Институтот по математики, реакција од наставниците по ликовна и музичка уметност, реакции од институтите по филозофија и социологија, наставниците по спорт, дури и реакции од сојузот на средношколци. Не можам да ја кажам точната бројка, колку ќе останат вишок професори, но ова отвора простор за сериозна загриженост дека многу наставници, ќе останат без работа, вели Николова.
Николова потенцираше дека проблемот е што не се знае ниту кој е автор на ова Концепција, па и покрај прашањето во собранието, до министерката за образование Весна Јаневска, кој стои зад ова, таа не сакаше да ги обелодени имињата на авторите.

Последни вести