Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа ги разобличи неоснованите обвинувања што беа упатени кон него за време на неговиот мандат како министер за здравство, особено во контекст на скандалот со Онкологија но и справувањето со здравствениот систем во текот на Ковид-кризата.
„Бев обвинуван без апсолутно никаква основа за скандалот на Онкологија. Дури и во тие тешки времиња, Клиниката ги извршуваше своите обврски, а со тоа беа задоволени сите законски критериуми во контекст на одговорностите на министерот. Сите шестмесечни извештаи беа доставени, а формирани беа и тумор бордови со важечки мандат“, истакна Филипче.
Според Филипче, одредени политички структури во Собранието и Анкетната комисија ја злоупотребиле својата позиција со цел да го дискредитираат него лично, но и целиот здравствен систем.
„Сметам дека направена е навистина една груба злоупотреба на институцијата – прво Собранието, понатаму Анкетната комисија. Се поткопа довербата во здравствениот систем во тој дел“, предупреди тој.
Филипче посочи дека не сака да шпекулира дали документите биле прикривани, но истакна дека континуираното повторување на неосновани обвинувања е „скандал без преседан“.
Филипче тврди дека не постојат злоупотреби при набавките налекови, напротив вели дека се воведени нови лекови и заштедени средства. На прашањето дали имало злоупотреби при тендерите за набавка на лекови за време на неговиот мандат, Филипче одговори јасно и прецизно:
„Во еден дел набавки имаше и од страна на Министерството за здравство, но ние тоа го направивме со системски пристап со којшто го променивме здравството. Со групните набавки не само што направивме заштеда, туку донесовме и нови лекови кои претходно воопшто не постоеја во државата“, истакна тој.
Филипче објасни дека благодарение на новиот систем на набавки, онколошките пациенти кои претходно беа приморани да патуваат во странство за да добијат современа терапија, конечно добија пристап до лекување во Македонија.
„Пациентите со онколошки болести беа праќани или на своја рака одеа надвор во странство за лекување, затоа што таа современа терапија кај нас ја немаше. Со реформите што ги спроведовме, тоа се промени – воведовме нови лекови и осигуравме заштеда на јавните средства“, заклучи Филипче.
Линк до целото интервјуто: https://www.slobodnaevropa.mk/a/filipche-intervju-sad-onkologija-/33298380.html