Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа истакна дека САД се најголемиот стратешки партнер на Македонија и дека нивната поддршка низ годините била клучна во сите значајни одлуки за државата.
„САД се наш докажан, најдобар и најголем стратешки партнер. Доколку го гледате изминатиот период наназад со децении, тие биле клучен фактор во донесувањето на сите одлуки што биле во корист на државата и граѓаните“, изјави Филипче.
Тој потсети дека токму за време на првиот мандат на Доналд Трамп беше потпишан Преспанскиот договор, со силно дипломатско присуство од страна на САД.
„Во претходниот мандат на претседателот Трамп беше потпишан Преспанскиот договор и тогаш беа вклучени дипломати од САД, од наша страна и од страна на Грција. Искрено се надевам дека и сега може да сметаме на таа традиционална соработка и поддршка“, додаде Филипче.
Според него, Владата мора активно да бара поддршка од САД, не само декларативно, туку и преку конкретни механизми во рамките на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
„Имаме потпишано повеќе договори за стратешка соработка и партнерство, и тука Владата може да најде конкретен начин за вклучување на САД во процесот на евроинтеграциите. Еден од предлозите е токму преку рамките на стратешкиот дијалог да се најде форма во која САД конкретно би ни помогнале во делот на преговорите или во откочувањето на процесот“, посочи тој.
Филипче нагласи дека нема сомнеж во континуираната поддршка што Македонија ја добива од САД, но потенцираше дека Владата мора да направи конкретни чекори и да не се потпира само на очекувања без реални иницијативи.
„Нека се обидат и во тој дел да направат нешто. Очекувањата сами по себе нема да донесат резултати – потребна е иницијатива, дипломатска активност и конкретни барања од страна на Владата“, заклучи Филипче.
Линк до целото интервју: https://www.slobodnaevropa.mk/a/filipche-intervju-sad-onkologija-/33298380.html