Соопштение за јавност
Секој ден поскап живот – СДСМ поднесе закон за укинување на ДДВ за храна
Животот во Северна Македонија станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги задоволуваат основните животни потреби, СДСМ како одговорна опозиција, предлага конкретни законски измени кои ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција во Собранието.
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска во Собранието поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој се предвидува укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%, како и намалување на ДДВ за електрична енергија од 18% на 5%. Овие законски измени ќе придонесат за реално намалување на цените на прехранбените производи.
„Укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%“, рече Битиќи.
На прес-конференцијата Битиќи потенцираше дека статистиката континуирано бележи пораст на трошоците за живот, а Владата покажа тотална незаинтересираност за заштита на животниот стандард на граѓаните.
„Индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало пораснал за 5.2%. Цените на основните прехранбени производи растат без контрола, а семејните буџети се под постојан притисок.Она што Владата упорно одбива да го направи, СДСМ и коалицијата преземаат конкретни чекори да го спроведат. Со поднесувањето на овој Предлог-закон по скратена постапка, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе го олеснат финансискиот товар на граѓаните. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети. Секој глас „ЗА“ ќе биде глас за реални, опипливи решенија“, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, додавајќи дека власта скратената собраниска постапка за носење закони, треба да ја искористи токму за овие законски решенија кои се од интерес на граѓаните.