Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев упати Телеграма со сочувство до британската премиерка Тереза Меј и до граѓаните на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска по терористичкиот напад во Манчестер во кој животот го загубија над 20 лица, а има и повредени.
,,Изразувам искрено сочувство до семејствата на загинатите во терористичкиот напад во Манчестер, до државно-владиниот врв и до сите граѓани на Велика Британија, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Најостро го осудуваме ужасниот терористички акт во кој настрадаа над 20 лица, меѓу кои и млади луѓе и деца, кои се кукавички убиени во експлозијата на бомбаш самоубиец по завршувањето на концертен настан во Манчестер.
Да се посегне по терористички чин, какви што се првичните оценки, врз млади луѓе е зло врз животот, слободата, мирот и спокојот на целото човештвото.
Неопходно е уште поцврсто и поорганизирано обединување и дејствување на демократскиот свет против една од најсериозните закани на меѓународниот мир и стабилност – тероризмот.
Граѓаните на Македонија се солидаризираат со граѓаните на Велика Британија. Очекуваме целосно расветлување на терористичкиот акт и соодветна одговорност“.
Скопје, 23.05.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА