Соопштение за јавност
Пратеникот Љупчо Николовски, и претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска, учествуваат на меѓународната парламентарна конференција којашто е посветена на перспективите на Југоисточна Европа и интеграциските процеси во Унијата, што се одржува во Цавтат, Хрватскa.
Во рамки на конференцијата, Николовски и Царовска остварија средби со европратеникот Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент и со европратеничката Тања Фајон.
Европратениците посочија дека очекуваат брз и мирен трансфер на власта во Македонија, деблокирање на Собранието, како и формирање на новата реформска Влада, којаштo ќе започне со спроведување на итните реформи во интерес на граѓаните.
Покрај јасно изразената волја на мнозинството од граѓаните за промени, и целата демократска меѓународна заедница повикува на почитување на демократските принципи, на здрав разум и на мирен трансфер на власта.
На конференцијата присуствуваат претставници на 13 национални парламенти, како и претставници на Европскиот парламент.
Скопје, 09.04.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА